Јас сум пречка во Владата за лошо решение на спорот со Бугарија, рече вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров на денешната прес-конференција, негова последна како член на Владата. Тој рече дека имал сериозна битка внатре во владата во однос на националните позиции за спорот со Бугарија и токму поради различните позиции не е дел од новата влада. Димитров кажа и дека нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи по однос на преговорите со Бугарија за подигнување на ветото за почнување пристапни преговори со ЕУ.
„Прво, сакам да кажам дека не си дадов сам оставка оти не сум човек кој се повлекува. Во два наврати, нашите несогласувања за спорот со Бугарија кулминираа, еднаш во Брисел и еднаш во Скопје. Гласно кажував дека одредени работи нема да поминат кај мене. За моите позиции нема простор во Владата и затоа за да молчам ми беше понудено прво да бидам амбасадор со Вашингтон, а откако одбив, ми понудија да бирам во која земја сакам. Интерес да ме нема има и кај соседот кој ме нарекува вирус поголем од ковид. Затоа јас останува дома да се борам гласно против лошо решение со Бугарија и да поддржам достоинствено”, рече Димитров.
Тој кажа дека не отстапувал од позицијата македонскиот јазик да биде чисто претставен во преговарачката рамка, без никакви објаснувања.
„Не можеме ние да правиме чекори без одредени чекори да нема од другата страна. Тоа остава простор другата страна да остане на ветото, чекајќи ние еден ден да попуштиме. Ние имаме поддршка од европските партнери и таа не е падната од небо”, рече Димитров.
Одговарајќи на новинарско прашање, Димитров кажа дека има луѓе во преговарачкиот процес на кои не им верува, а меѓу нив е и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Да, немам доверба во Османи по однос на прашањето со Бугарија. Имам чувство дека има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што е опасно и непродуктивно. Се надевам дека грешам, но такво чувство имам. Во однос на Владо Бучковски, ќе кажам дека не бевме на иста линија со ставовите”, кажа вицепремиерот.
Нов вицепремиерот за европски прашања, според предложениот состав на владата на мандатарот Димитар Ковачевски, ќе биде досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ.
А. АНТЕВСКА