ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО НЕМА ПЛАТА ЗА ЈАНУАРИ, НЕ СЕ ЗНАЕ НИ КОГА ЌЕ ИМА

    ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО НЕМА ПЛАТА ЗА ЈАНУАРИ, НЕ СЕ ЗНАЕ НИ КОГА ЌЕ ИМАЗдравствените работници најчесто земаат плата околу 10 во месецот, а законскиот рок за исплата за плата истекува утре. (Фото: СДК.МК)

    Здравствените работници сѐ уште немаат земено плата за јануари, а не се ни знае кога ќе земат. Најчесто земаат плата околу 10 во месецот, а законскиот рок за исплата за плата истекува утре. После тоа се плаќаат камати.

    Здравствените работници од скопскиот Клинички центар со кои разговаравме велат дека никој ништо не знае за платата, ниту некој им кажува дали има врска со минатонеделниот хакерски напад во Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), или пак е нешто друго во прашање.

    Од Министерството за здравство ни рекоа дека исплатата на платите на здравствените работници вработени во  јавноздравствените установи е во надлежност и се врши од буџетот на самите јавни здравствени установи во соработка со ФЗОM.

    Фондот денеска соопшти дека функционалноста на системите постепено ќе се враќа и дека „овој процес одезема дополнително време, но техничките тимови работат во континутет“.

    „Приоритет е враќањето на функционалноста за исплатите на платите на здравствените работници во Јавните здравствени установи како и враќање на системите на исплата на боледувањата, породилното и рефундациите“, вели ФЗОМ.

    Оттаму потсетуваат дека анализата на експертските технички тимови утврди дека при сајбер нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот.

    „Фондот денеска испрати и известување до сите ЈЗУ и ПЗУ со детални упатства за проверка на осигурениците преку Мој термин, со што ниеден осигуреник не смее да биде вратен од правото на здравствена заштита. Правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата, издавањето на рецепти од страна на матичните лекари, како и издавањето на лекови на граѓаните се одвива непречено и граѓаните без застој можат да ги користат овие здравствени услуги. Усогласени се и решенија за остварување на правото на ортопедски помагала“, вели Фондот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира