Со субвенции од Буџетот на Град Скопје ќе се консолидираат јавните претпријатија и културните установи. Од буџетот за субвенционирање на претпријатијата и установите се издвоени околу 18,5 милиони евра, од кои најмногу и тоа 15 милиони евра ќе добие ЈСП „Скопје“. Градоначачлникот Орце Ѓорѓиевски рече дека ова е рекордна висина на субвенции кои ги добива ЈСП од Градот.
„Ветивме консолидирање на Буџетот на Град Скопје и помош кон претпријатија и културните установи за нивно раздолжување до првата половина на 2027 година. За таа цел се издвојуваат 25 милиони денари помош за културните установи, 60 милиони денари помош за ,,Комунална хигиена”, 80 милиони денари за ,,Паркови и зеленило”, 20 милиони денари ,,Дрисла”, 15 милиони денари ,,Лајка”, 23 милиони денари за ,,Улици и патишта”, како и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП Скопје“, рече Ѓорѓиевски во излагањето пред Советот на Град Скопје при разгледувањето на Буџетот за 2026 година.
Загубите во работењето на ЈСП „Скопје“ со години се покриваат со субвенции од Град Скопје. Речиси секоја година претпријатието добива по 10 милиони евра помош од градската каса. Лани претпријатието доби 11 милиони евра, но и тие пари не помогнаа да се среди проблемот со недоволниот број автобуси на улиците.
ЈСП „Скопје“ ги исплаќа и приватните превозници. Долгот кон нив кој постои од мандатот на ексградоначалничката Данела Арсовска сè уште не е подмирен. Приватните превозници велат дека имало одредена исплата, но ЈСП уште им должи.
На улиците нема ниту дополнителни 55 приватни автобуси, како што на 7 ноември веднаш по стапувањето на функција најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто нема повеќе автобуси на улиците како што најави Ѓорѓиевски, вели дека бројката не е проширена туку старите возила се заменуваат со понови, кои се еколошки.
„Полека ги менуваме старите автобуси со еколошките возила кои ги промовиравме на паркингот кај ‘Борис Трајковски‘. Досега се заменети околу 35, а во наредниот период откако ќе помине хомологација, регистрација и боење ќе се заменат уште 20. Нема плус 55 автобуси. За да има, треба Град Скопје да распише оглас за нови линии. Ние возиме на истите линии кои ни беа доделени во мандатот на ексградоначалничката Данела Арсовска“, ни рече Зафировски на 24 декември.
Автобусите на ЈСП „Скопје“ пак возат со скратен возен ред бидејќи голем дел од возилата се расипани, а во мандатот на Арсовска не се сервисираа редовно. ЈСП „Скопје“ имаше проблем и со набавката на гориво за возилата поради долг кон „Пуцко петрол“ кој го доби тендерот за снабдување со нафта на претпријатието.
А. АНТЕВСКА



