Се пуши во затворен простор, има приклучок за струја во објект кој е дивоградба, има само еден тоалет и за мажи и за жени, и има две кујни како посебни објекти, од кои едната нема тоалет, се дел од забелешките кои в. д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски ги објави синоќа во видео на Фејсбук. Крстевски повторно повика повеќе институции, како Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот пазарен инспекторат, ЕВН, да постапуваат согласно пријавите за дивоградби.
Тој на 18 јуни до Кочанското обвинителството поднесе кривична пријава против угостители за узурпација и бесправна градба, за кои вели дека работат надвор од законски прописи и стандарди, апелирајќи дека е загрозена безбедноста на жителите и гостите и дека институците не смеат да дозволат да се случи „Пулс 2“.
На 16 март во пожар во кочанската дискотека „Пулс“, која работела надвор од сите законски прописи и стандарди, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
Во видеото, Крстевски седнува во пицеријата „Филитеа“, која се наоѓа во станбен објект, на покана на сопственикот Орце Николов, за кого вели дека имаат многу поминато и се партиски неопределени. Николов реагира на селективност од институциите, откако добил пријава дека објектот е дивоградба и ќе се руши. Николов кажува дека три години го работи објектот, дека веќе бил изграден, а од Општината дошле, измериле и му кажале колку ќе треба да им плаќа на нив.
„Јас сум согласен за сѐ, нека дојдат инспекции и нека кажат. Ама овој објект некој друг го градел и никој ништо не му рекол. Во Кочани има 700 дивоградби, нека почнат со ред“, вели Николов, а Крстевски се надополнува: „Ова е дивоградба од 2013, ти си ја наследил, но ти свесно си го гледал тоа“.
Спорни моменти, како што наведува Крстевски, се дека терасата е затворена од две страни, а се пуши во неа, што е незаконски, како и тоа дека објектот нема имотен лист, а ЕВН има пуштено струја.
„Како инспекторката од Агенцијата за храна и ветеринарство ти даде ХАСАП дозвола, кога пицеријата има две кујни, од кои едната нема тоалет и има фуги со плочки? Како надлежната даде дозвола?“, вели Крстевски, а Николов одговара: „Зашто кога доаѓаа од Општината да мерат не ми го кажаа тоа. Никој ништо не ми кажал. Јас после 18 години дојдов од странство, никој не дојде да ми каже што треба“.
„Во Кочани има инстуционална криза, срам да им е на сите кои не постапуваат, но ние за сите ќе поднесеме пријави“, вели Крстевски, кога на крајот со Николов се согласуваат дека мора да се најде решение за сите да бидат безбедни.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) реагираше дека го осудува обидот на Крстевски, „за оцрнување на стручноста и професионалноста на АХВ и нејзините вработени инспектори, преку социјалните мрежи глумејќи инспектор во угостителски објекти, за кои тврди дека се дивоградби“.
„Професионално, АХВ не навлегува во ингеренциите на други иституиции, но, за наводите на в.д градоначалникот во однос на работењето на АХВ, само го информираме дека Агенцијата не издава никакви ХАСАП дозволи како што тврди тој во јавноста, туку ја контролира работата на оператрите со храна, само и исклучиво од аспект на исполнетост на општите и посебните услови за безбедност согласно законските и подзаконските акти кои ја уредуваат оваа материја, регистрирајќи ги како оператори со храна во регистарот на институцијата.
Токму според овие прописи, в.д гардоначалникот не е овластено лице и не смее да врши контрола кај операторите со храна која се подготвува во угостителските објекти кои тој ‘ги контролира’ и која може да ја контаминира, влегувајќи во кујните без заштитна облека и поседување на санитарна книшка за потврдување на неговиот личен здравствен статус.
Во ниту едни прописи, ниту во националните, ниту во европските, не е дефинирано дали и какви фуги треба да има на плочките во кујните, а вработените лица во двете засебни кујни може да користат посебен санитарен јазол, што, како што беше јасно од видеото дека од угостителот е обезбедено, како засебно од она наменето за гостите“, стои во соопштението од АХВ.
Б. НЕСТОРОСКА