ЌЕ ЈА СПАСИМЕ „АЛТА БАНКА“, ИМАМЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНА БАНКА КОЈА ЌЕ ЈА КУПИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ЌЕ ЈА СПАСИМЕ „АЛТА БАНКА“, ИМАМЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНА БАНКА КОЈА ЌЕ ЈА КУПИ, РЕЧЕ МИЦКОСКИМицкоски кажа дека сопственикот на „Алта банка“ АД Белград Давор Мацура ги исполнувал условите да ја купи Стопанска банка Битола.(Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека има банка која е заинтересирана да ја купи „Алта банка“ АД Битола. Со тоа, како што кажа, ќе пропаднат црните сценарија на опозицијата „Алта банка“ АД Битола да отиде во стечај.

    „Имаме финансиска институција, банка која што ќе биде сопственик на ‘Алта банка‘. Значи ќе ја спасиме банката, тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето кои што се во некаква релација со банката. Тоа е лоша вест за нашата опозиција која што се молеше и на дневна основа водеше кампања дека банката ќе банкротира, ќе отиде во стечај и така натаму“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Охрид.

    Мицкоски кажа дека сопственикот на „Алта банка“ АД Белград Давор Мацура ги исполнувал условите да ја купи „Стопанска банка Битола“.

    „Истиот тој Мацура претходно се стекнал со право да работи и на територијата на Австрија, бидејќи австрискиот регулатор му дозволил да стане сопственик на дел од акциите во ‘Адико банка‘. Исто така истиот тој Мацура влезе во трговски дијалог со ‘Рајфајзен банка‘, една од поголемите финансиски институции во регионот. Тука тој ги исполнил сите услови, сите критериуми и се стекнал со правото да работи на македонскиот пазар. Ние не можеме како влада да бираме кој ќе работи или кој нема да работи. Замислете ако по правило на реципроцитет им биде забрането на наши компании да работата во Србија“, рече Мицкоски.

    Премиерот кажа дека кон крајот на ноември или почетокот на декември акциите на банката ќе бидат ставени на продажба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира