На 2.218 метри надморска височина, Големото Езеро на Пелистер деновиве привлекува посетители од цела Европа кои храброста ја мерат со температурата на водата. Наместо жежок песок – планински камен. Наместо топла – свежа вода, која и во август со максимални 12 Целзиусови степени знае сериозно да го испитува прагот на издржливост. За туристите од Франција, Холандија, Италија и Македонија кои деновиве ги затекнавме таму, тоа беше начин да го запознаат Пелистер, планина која сè повеќе станува дестинација за авантура и поинаков начин на летување. Се сончаа и пливаа во глацијалното езеро, кое се полни со топењето на снегот на планинските врвови.
„Ни кажаа дека тука важат други правила. На Големото Езеро сонцето не треба да се потценува. Иако воздухот е свеж, поради надморската височина, УВ-зрачењето е посилно, а одблесокот од водата дополнително ја зголемува изложеноста. Во Големото Езеро не се влегува како во летен базен. Студената планинска вода бара постепено привикнување, а оние кои ќе се осмелат да запливаат, најчесто прво ги навлажнуваат нозете и телото, пред да влезат подлабоко“, вели Ана ван Дијак од Холандија.
До оваа планинска оаза се стигнува по земјен пат останат од Првата светска војна. Поради гранитната структура на планината и камените наноси, делницата е предизвик и за теренските возила, па за некои пешачењето е најдобриот начин да се стигне до езерото. Патувањето низ планината нуди пејсажи и видиковци од кои на една сгтрана се отвора погледот кон Преспанското Езеро, а на другата кон Пелагониската котлина. Група италијански туристи реши Пелистер да го прошета со мотори.
„Ова е прекрасно искуство. Никогаш претходно немав слушнато за Пелистер. Следевме рута која нѐ донесе тука од Галичица, Македонија е прекрасна“, рече Лоренцо од Италија.
Сепак, оние кои ќе се одлучат местото да го посетат со џип, ги чека поинакво искуство. По стрмниот и нерамен пат, со кривини и камени наноси, понекогаш зад воланот стои жена. Габриела Панајотова, Македонка која работеше во Англија, сега вратена во родниот крај, им помага на туристите да стигнат до потешко пристапните делови на планината. Деновиве, токму на Големото Езеро, со отворање шампањ го прослави својот 30. роденден.
„Пелистер за моето семејство има големо значење, сестра ми за Нова година беше запросена на Антена. Како хоби возам џипови низ Пелистер. Ја сакам природата и сакам да сум блиску до дома, а одгоре да се гледа цела Битола. На младите им препорачувам прво да дојдат горе, да ја доживеат планината и во лето и во зима, да го видат ѕвезденото небо навечер“, рече Панајотова.
За гостите во планинарскиот дом на Големо Езеро се служат гравче, колбаси, шопска салата, пелистерско сирење, лубеница и слатко од смокви. Оние кои ќе одлучат да ја минат ноќта на езеро, го имаат на располагање домот, кој може да прими 40 гости.
Патот од битолскиот дел на планината, од инфо-центарот до Големо Езеро, со години е во функција. Националниот парк веќе исчисти дел од коловозот од камења и вегетација до ливадата Широка, каде ќе се обновува ловечката куќа. Но, планот е туристичката понуда да се прошири. Управата на паркот најави возобновување на земјениот француски пат од Првата светска војна, со кој Големото Езеро ќе се поврзе со Брајчино во Преспа. Со тоа, од инфо-центарот до Преспа би се добила патека долга околу 40 километри.
„Иако примарно патот ќе се користи за противпожарна заштита, сепак, креираме мултифункционални решенија. Ќе се оствари сон на многу генерации за поврзување на Брајчино со Големо Езеро. Тоа ќе биде пешачка и велосипедска патека. Треба да се има предвид дека во 2028 граничниот премин Маркова Нога ќе биде отворен, па ќе се овозможи регионална туристичка понуда. Сите уредувачки активности се во насока на еко-активен туризам, кој овозможува заштита на природата“, вели Иванчо Тошевски, директор на Нацлионалниот парк.

Патувањето низ планината нуди пејзажи и видиковци од кои на една сгтрана се отвора погледот кон Преспанското Езеро, а на другата кон Пелагониската котлина. (Фото: СДК.МК)
Возобновувањето на патот е дел од 10-годишната програма за заштита од пожари на Пелистер. Патеката ќе понуди и нова атракција – езерото Рупа. Постоело за време на Првата светска војна, па било испуштено за потребите на војските. Сега се прават планови за негова конзервација.
Пелистер крие уште многу вакви несекојдневни уживања, места до кои не се стигнува лесно, но затоа и се паметат долго. Тоа е свет далеку од летната жега и градската врева, природен рај, кој не може да се доживее во низината. Треба само да се искачи планината и да се остави таа самата да ја раскаже својата приказна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА




