ЌЕ СЕ УНИШТАТ ПИСМАТА ОД ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, РЕШЕНИЕТО ЗА АЗБУКАТА ОТИ СО ГОДИНИ ПРОКИСНУВА ДРЖАВНИОТ АРХИВ, ВЛАДАТА ОДОБРИ ПРОЕКТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА, НО ПОКРИВОТ МОРА БРЗО ДА СЕ САНИРА

    ЌЕ СЕ УНИШТАТ ПИСМАТА ОД ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, РЕШЕНИЕТО ЗА АЗБУКАТА ОТИ СО ГОДИНИ ПРОКИСНУВА ДРЖАВНИОТ АРХИВ, ВЛАДАТА ОДОБРИ ПРОЕКТ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА, НО ПОКРИВОТ МОРА БРЗО ДА СЕ САНИРАВо декември 2014, Државниот архив беше преселен во зградата на Археолошкиот музеј која чини 42 милиони евра, а многу често по дожд вода прокиснува во просториите на Архивот на шестиот кат каде е депото и на седмиот спрат. (Фото: Архивска фотографија)

    Ретки документи од македонската историја како Евангелието по Лука кое е од 12. век, писмата од Гоце Делчев, Решението за азбуката (фонд АСНОМ), Уставот на МПЦ, Декларација за човекови права (фонд на АСНОМ), акт за основање на МАНУ се сместени во депото на 6. спрат на Државниот архив на Македонија, низ кое поминуваат одводни-доводни цевки, алармниот систем за пожар е врз база на вода, а тоа не смее да биде бидејќи се работи за хартија. Депото нема прозори, ниту вентилација со што е оневозможено природно проветрување на архивскиот материјал како основен предуслов за негова заштита од микроорганизми. Многу често по дожд, вода прокиснува во просториите на Архивот кои се наоѓаат на шестиот и седмиот спрат.

    Во декември 2014, Државниот архив беше преселен во зградата на Археолошкиот музеј која чини 42 милиони евра и е дел од озлогласениот проект „Скопје 2014“ за кој Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши 700 милиони евра.

    До 2014, Архивот беше сместен во зграда кај комплексот кај Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), Националната универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ и Институтите за национална историја, за македонски јазик и за старословенски јазик. Во дел од стариот објект остана да функционира Институтот за национална историја, додека просториите на Државниот архив му беа доделени на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).

    Заменик-директорот на Архивот, Димитар Богески,  за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека во тек е  изработка на проект од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) за реконструкција на покривот, по барање на Државниот архив со одобрение на Владата.

    Според Богески, таа зграда иако е репрезентативен објект сепак не ги задоволува архивските прописи и стандарди.

    „Најкарактеристично е тоа што депото се наоѓа на 6. кат од зградата и не поседува капацитет за пренесување на целокупната архивска граѓа од старото депо, а во него се чуваат раритетни документи како  Кадиските сиџили од Битолскиот Вилает, 185 на број, кои потекнуваат од 1607  до 1912 година. Освен овие сиџили се чуваат и околу 500 фермани, берати, бујурулдии, преписка, решенија, тапии. Се чуваат документи од Вакавска управа, околиски шеријатски суд, околиско-вакуфски меарифски поверенства, од  Дебарска, Скопска и Велешка митрополија, Решението за формирање на УКИМ, Етнографската карта на Македонија од Димитрија Чуповски, Спомените на Ангел Узунов“, ни рече Богески.

    Во февруари 2018, вработените во Државниот архив испратија петиција до тогашниот премиер Зоран Заев, во која бараа Архивот да биде вратен што поскоро во старата зграда. Во петицијата, која беше потпишана од сите вработени и плус вработените од Институтот за национална историја, се бараше итно враќање и без одложуавње да се обезбедат хумани услови за работа на архивистите и соодветни услови за чување на јавниот архивски материјал. Наведувајќи прецизни причини зошто Архивот не смее да биде во оваа зграда, рекоа дека при секој дожд просториите кои се наоѓаат на шестиот и седмиот спрат се поплавуваат, вода прокиснува од сите страни, па низ канцелариите и ходниците стојат кофи, а за да се заштити архивската документација се преместува од една просторија во друга. Состојбата оттогаш не е променета на подобро.

    Богески, кој 18 години е дел од оваа институција, вели дека архивскиот материјал се чува во специјализирани простории за таа намена наречени архивски депоа. Освен архивскиот материјал и опремата за складирање, заштита и транспорт, во самите депоа не смее да се наоѓа ништо друго.

    Меѓу стандардите кои треба да се запазат, се:

    • Во архивските простории температурата на воздухот треба да биде од 14 до 20 С, а релативната влажност од 50% до 60%.
    • Архивските депоа не смеат да се наогаат на поткровје. Тоа треба да биде суво (со циркулација на воздух) заштитено од површинско и подземно навлегување на вода како и подалеку од места каде што се чуваат запаливи материи.
    •  Потребно е да биде соодветно лоцирано подалеку од котларници, трафостаници, пумпни станици, големи водени јазли, инсталации и линии, гас, вода, канализација, со обезбедена можност за итна евакуација на материјалите.
    • Ѕидовите мора да бидат цврсти, суви без пукнатини и отпорни на оган.
    • Носивоста на подната конструкција на депото мора да одговара на тежината и обемот на материјалот што се складира во него
    • Прозорците мора да бидат добро затворени  опремени со заштита од сочева светлина. Архивскиот материјал мора да биде заштитен од директно продирање на сончевата светлина.
    • За осветлување во депото се користат само вештачки извори на светлина кои немаат хемиски или фотохемиски ефект врз архивскиот материјал.

    Првите архивски чекори на овие простори започнуваат  во времето помеѓу двете светски војни кога вардарскиот дел од Македонија бил под власта на Кралството СХС (Југославија) . Во тој период основан е Архив како одделение на Државниот архив на Србија во Скопје. Оваа установа е формирана на 28 ноември 1926, во сосема несоодветни услови. Била сместена во приватниот стан на нејзиниот прв формален директор Делимир Лазаревиќ. Дејноста на овој архив во самиот почеток се состоела во собирање и чување на архивска граѓа создадена за време на Османлиското владеење. Во подоцнежниот период, овој архив бил преместен во просториите на Просветниот дом, а потоа во приватна зграда. Пред почетокот на Втората Светска војна престанува неговото постоење како самостојна установа и преминува во одделение при Музејот на Јужна Србија во Скопје. По Втората Светска војна, како наследство од овој архив се преземени фондовите од 1915-1918 и мал дел од институциите на Османлиското владеење пред 1912. Веднаш по ослободувањето во 1945 се пристапило кон формирање на државни институции неопходни за функционирање на целокупниот живот на новоформираната Демократска Федерална Македонија. Уште во 1944  во рамките на АСНОМ се одредени законски прописи за заштита на културно-историските споменици и други придобивки од значење на националната култура.

    На 3 мај 1945, Министерството за народна просвета ја обелоденило намерата за формирање на Архив на Народното-ослободително движење на Македонија и тоа во состав на Народната библиотека во Скопје. Оваа идеја не била доволно реализирана и затоа набрзо потоа со посебно решение од 31 мај 1946, Министерството формирало комисија за прибирање на архивски материјал. Комисијата преку ангажманот на просветните работници започнала со иницијатива за собирање на архивски материјал од приватни иматели на документи, фотографии и друг архивски материјал, но без некој голем успех. Во првите години по ослободувањето се пристапило кон собирање на архивскиот материјал од институции како Институтот за национална историја (ИНИ) кој е формиран во 1948, Народната универзитетска библиотека Скопје, катедрите за историја и македонски јазик и други. Историчарите заедно со останатиот кадар на овие институции прибирале архивски материјал од различни установи и поединци од републиката, со една цел тој да се собира на едно место и што поскоро да биде достапен за истражувачите и за потребите на штотуку формираните македонските научни институции.

    „Ваквиот пристап бил без соодветни познавања за чувањето средувањето и обработката на архивскиот материјал. За жал, и до ден денеска не е позната судбината на одредени материјали собрани од тој период“, вели Богески.

    Државниот архив е формиран на 1 април 1951, а неговото основање претпоставувало решавање низа сложени и суштински проблеми поврзани со архивската дејност во Народна Република Македонија. Тоа значело решавање и на просторниот проблем, внатрешната организација, обуката на нови архивски работници кои за првпат се специјализирале за одредени сегменти од работата на архивите и кои со текот на времето биле распоредувани во посебни одделенија, финансирањето, заштитата на архивскиот материјал кај регистратурите (имателите), развојот на истражувачката и на издавачката дејност итн. За да се остварат тие цели и зголемените потреби на општеството, Државниот архив формирал мрежа на архивски установи низ Републиката. Законот за Државни архиви предвидел формирање на 9 околиски (регионални) архиви кои денеска се во состав на Државниот архив и тоа: Скопје (1952), Битола (1954), Велес (1954), Прилеп (1955), Куманово (1954), Охрид (1951), Штип (1956), Струмица (1956) и Тетово 1961. Сите околиски архиви покривале повеќе општини од кои биле воедно и финансирани.

    Во 1969  е изграден и првиот наменет објект на Архивот на Македонија. Објектот бил според сите современи барања и стандарди за архивска дејност и потреби на институцијата. Објектот располагал со 5.050 метри квадратни од кои работните простории на Архивот на Македонија зафаќале 1.794 квадрати, депото 1.898 квадрати, а во другите простории биле сместени ИНИ и Институтот за истражување на старословенската писменост од Прилеп.

    Работните простории на објектот имале приземје и три ката, а катноста на депото била поделена на трезори, приземје, високо приземје, и три ката. Објектот располагал со засолниште во подрумските простории на делот работни простории, со вкупна нето површина од 40 метри квадратни за засолнување на вработените. Бил опремен и со лабараторија за микрофилмување, лабораторија за конзервација и реставрација, книговезница и просторија со апарат за обезпрасување на архивската граѓа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира