Поплавени улици, подруми, гаражи, паднати кровови од згради, паднати билборди, искршени дрвја паднати врз автомобили е сликата по невремето кое попладнево го зафати Скопје. Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК) не телефонот 112 постојано пристигнуваат повици од граѓани за предизвикани штети, а има и заглевано коли на скопските улици кои се поплавени од дождот. Низ цело Скопје е отежнат сообраќајот.
„Под подвозникот кај хотел ‘Континентал‘ имало заглавено 4 автомобили, а во едната кола има и деца. Под поранешна стоковна куќа Мост‘ (сега подвоник под плоштадот Скендербег н. з.) има многу вода и заглавени се неколку автомобили и едно комбе со вкупно 15-тина луѓе. На нив им се помага од страна на службите според приоритет. Граѓанин од улицата Киро Крстевски пријави дека кровот од зградата на пет спрата е летнат и дека на неговите родители им врне дожд директно во станот. За ова се веќе известени надлежните од Општина Кисела Вода и Пожарната бригада“, велат од ЦУК.
Поплавен е и трговскиот центар „Ист гејт“ каде целото приземје е во вода и извршена е евакуација, а поплавен е и ГТЦ.
По невремето кое го зафати градот, градоначалничката Данела Арсовска свика итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје.
Освен Скопје, денеска на повеќе места во земјава беше нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а поизразено беш околу Штип, Велес, Демир Хисар, Свети Николе.
До петок ќе се задржи нестабилно време, претпладне претежно сончево, а во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град, велат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
А. АНТЕВСКА