Австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој денеска е во официјална посета на Република Македонија, беше пречекан со погрешно знаме на официјалната церемонија на дочекот пред Владата, каде со премиерот Зоран Заев минаа пред построената гарда. Место австриско, на јарболот до Курц имаше латвиско знаме.
Знамињата на двете земји се слични, црвено со бела лента на средина, со тоа што австриското е поделено на 3 еднакви делови, а во латвиското белата лента е потесна.
Грешката први ја забележаа австриските новинари кои ја следат посетата на Курц. Веста за грешката потоа се пренесе и до владиниот протокол, но од нив немаше официјална реакција.
Откако ги ислушаа австриската и македонската химна, премиерите Курц и Заев примија рапорт од гардиниот офицер и потоа продолжија по црвениот тепих кон влезот на Владата, а патем гостинот се поздрави и со владината делегација министри со кои заено влегоа внатре на официјални разговори.
Внатре во Владата беше поставено точното знаме – австриското.
Според агендата, предвидено е Курц да има средби со македонскиот државен врв, а потоа со премиерот Заев ќе одржат заедничка прес-конференција. Неговата посета на Македонија е поврзана со претстојниот референдум за името за 30 септември.
Од 1 јули Австрија го презеде претседателството со Советот на ЕУ, за следниве 6 месеци. Мотото на нејзиното претседателство е „Европа што заштитува“.
Г. ТРПЕНОСКИ