„Луфтханза“ ги прекинува летовите меѓу Франкфурт и Скопје по повеќе од три години одржување на оваа линија. Во резервациониот систем веќе не може да се најдат летови по 31 мај, ниту за летово, ниту за зимската сезона што почнува на крајот на октомври. Компанијата нуди алтернативни врски до Скопје преку Виена, со „Аустријан ерлајнс“ која е исто така дел од Групацијата „Луфтханза“.
Германскиот превозник ја одржуваше оваа линија од седум до десет пати неделно, зависно од периодот на годината. Оваа зима ги скрати фреквенциите на три лета неделно.
Првиот лет на „Луфтханза“ од Франкфурт за Скопје беше на 23 април 2023 година. Таа аплицираше за субвенции од македонската влада со кои беше обврзана да лета до 31 декември 2025.
Во април компанијата беше погодена од неколку штрајкови на екипажите, по што беше затворена подружницата „Ситилајн“ со приземјување на 27 авиони. Сето тоа е комбинирано со неизвесноста околу растот на цената на керозинот поради војната на САД и Израел со Иран.
Авиокомпанијата направи големи измени во редот на летање од своите главни бази во Франкфурт и Минхен со кратење на над 900 летови неделно во јуни и по околу 250 летови помалку од предвидените во јули, август и септември. Во рамките на консолидацијата во рамки на Групацијата во која се и „Аустриан ерлајнс“, „Свис“ и „Брисел ерлајнс“, а од скоро и италијанската „Ита ервејс“, се укинуваат кусите летови и оние што не креирале доволна заработка, па така од мрежата на германскиот превозник отпадна и линијата Франкфурт – Скопје.
Сериозни кратења прави и хрватскиот национален превозник „Кроација ерлајнс“. Во резервациониот систем од оваа есен веќе ги нема ноќните летови од Загреб. Наместо предвидените 11 ротации неделно, на линијата Загреб – Скопје ќе се лета само четири пати. Oстанува само попладневниот лет од Скопје за Загреб, а утринските ќе бидат сосема укинати.
Сепак, ТАВ Македонија, концесионерот на двата македонски аеродроми во првите четири месеци годинава забележа рекордно двоцифрено зголемување на патничкиот сообраќај.
Компанијата на 11 мај соопшти дека Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, управувани од ТАВ Македонија ги завршија првите 4 месеци од 2026 година, со силен, рекорден пораст на бројот на патници од 32,4%, опслужувајќи вкупно 1,2 милиони патници.
„



