МАКЕДОНИЈА, ГРЦИЈА И АЛБАНИЈА ПОТПИШАА ИЗЈАВА ЗА ЗАЕДНИЧКО НОМИНИРАЊЕ НА ПРЕСПА ВО УНЕСКО

    МАКЕДОНИЈА, ГРЦИЈА И АЛБАНИЈА ПОТПИШАА ИЗЈАВА ЗА ЗАЕДНИЧКО НОМИНИРАЊЕ НА ПРЕСПА ВО УНЕСКОМинистрите Сулејмани, Мендони и Гонџја со евроамбасадорот во Македонија, Михалис Рокас. (Фото: Делегација на ЕУ во Македонија)

    Со заедничка номинација за Листата на светско наследство на УНЕСКО, Македонија, Грција и Албанија ќе се обидат да ја афирмираат Преспа како единствен природен и културен простор, чие наследство ги надминува државните граници. Министрите за култура на трите земји на трилатерална средба во Грција потпишаа заедничка изјава со која ја потврдија заложбата за заштита на регионот и за координирана подготовка на негова номинација.

    Документот го потпишаа министерот за култура и туризам на Македонија, Седат Сулејмани, министерката за култура на Грција, Лина Мендони и министерот за туризам, култура и спорт на Албанија, Бленди Гонџја.

    Заедничката номинација, според Сулејмани, треба да биде повеќе од обид за добивање меѓународно признание. Целта е да се воспостави долгорочен и одржлив модел на управување со регионот, кој ќе донесе конкретни придобивки и за локалното население.

    „Преспа, природно и историски, отсекогаш била една целина, иако нејзините брегови ги делат три соседни држави. Токму во таа сложена убавина лежи и нашата одговорност: да ја претвориме во причина за континуирана, добро координирана и резултатски ориентирана соработка“, рече Сулејмани.

    Тој кажа дека трите земји веќе имаат основа за продлабочување на соработката преку проекти во кои се вклучени институции и експерти од регионот. Меѓу нив е соработката со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Грција, во чии рамки се реализира конзервацијата на живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како и активностите со албанските институции на островот Мал Град. Како пример за регионално поврзување го посочи и проектот „АКТ4ПРЕСПА“ (ACT4PRESPA), поддржан од Европската Унија, преку кој се поттикнува соработката за зачувување на вредностите на Преспа.

    На средбата присуствуваа и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, раководителот на канцеларијата на УНЕСКО во Сараево при Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, Синиша Шешум, постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колубија и претставници на локалните самоуправи и институции од трите држави.

    Заедничката номинација отвора можност Преспа да добие поголема меѓународна видливост, но нејзиното значење ќе зависи и од тоа колку договорената соработка ќе се преточи во конкретни мерки за зачувување на природното и културното наследство и за подобрување на животот на локалното население.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира