Пратениците во вторник, на седница на собраниска комисија, ќе го разгледуваат Годишниот извештај за работата на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) за 2024 година. Извештајот за 2025 година е во фаза на подготовка.
Во согласност со членот 46 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), Комитетот на министри врши надзор над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур, Франција.
Бројот на предмети во извршување во Македонија под надзор на Комитетот на министри, на крајот на 2024 година, изнесува 31. Бројот на нови предмети кои биле ставени под надзор на Комитетот во 2024 година изнесува 16, за разлика од 20-те предмети во 2023 година и 10 во 2022 година.
Од „новите предмети“ ставени под надзор на Комитетот на министри во текот на 2024 година, 7 биле водечки (кои укажуваат на сериозни аномалии и неправилности во системот), а 4 биле класифицирани како повторувачки предмети.
Од водечките случаи под зајакнат надзор, два се во процес на извршување под надзор на Комитетот на министри 5 или повеќе години. Станува збор за случајот „Китановски“, кој е водечки во однос на група од уште 7 пресуди со кои е констатирана повреда на членот 2, односно членот 3 од ЕКЧП, особено поради отсуство на ефикасна истрага на наводите за нечовечко постапување од страна на полицијата. Другиот случај е „X“, во кој недостатокот на законска регулатива за процедурата и условите за промена на ознаката за пол во матичната евиденција на трансродовите лица е пречка за извршување на општите мерки. Слично, два од водечките случаи под стандарден надзор на Комитетот на министри се во процес на извршување 5 или повеќе години. Тука станува збор за случајот „Василковски и други“, кој е водечки во однос на група предмети во пораст, а се однесуваат на членот 5 од ЕКЧП со кој се гарантира правото на слобода и безбедност (притворски предмети). Другиот, случајот „Митови“, претпоставува измени во домашното законодавство, примарно во областа на семејното право, особено во делот кој се однесува на извршувањето на одлуките за видување со деца.
Спроведувањето на пресудите во ваквите водечки случаи зависи од законски измени, процес со кој овој парламентарен состав се соочува со потешкотии во последниве две години.
На истата седница ќе се разгледува и Годишниот извештај за работата на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права за 2024 година.
Во текот на 2024 година, до Бирото за застапување биле доставени на одговор вкупно 44 апликации. Меѓу нив се предметите на: разрешениот и осуден претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски (член 5 – право на слобода и безбедност); разрешената поранешна претседателка на Врховниот суд, Лидија Неделкова (член 6 – право на правично судење); судијката Снежана Геровска-Попчевска (право на правично судење); како и на Никола Груевски, Миле Јанакиески и Владимир Талевски, кои поднеле тужби против Македонија за право на правично судење.
Во текот на годината биле донесени вкупно 10 пресуди против Република Северна Македонија. Една од нив, по тужба на апликантката Митревска, треба да послужи како пример за институциите и судовите како да ги избегнат истите грешки во иднина.
Се работи за повреда на правото на приватен живот на апликантката Митревска (А. бр. 20949/21), која како дете била посвоена во постапка за потполно посвојување. Домашните власти не успеале да постигнат баланс меѓу спротивставените интереси во постапката за пристап до информации во врска со нејзиното биолошко потекло и медицинските податоци за нејзините биолошки родители.
Имено, во април 2017 година, апликантката Митревска побарала информации за нејзиното посвојување од Центарот за социјална работа во Скопје. Таа навела дека во 2014 година ѝ било дијагностицирано депресивно анксиозно растројство и проблеми со говорот, па нејзините лекари побарале информации за медицинската историја на нејзиното семејство за да утврдат евентуална наследна болест. Во јуни 2017 година, таа поднела дополнително барање до надлежната комисија за посвојување.
И Комисијата и Центарот ја известиле апликантката дека, согласно чл. 123-а од Законот за семејството, податоците за посвојувањата се службена тајна и поради тоа не се во можност да дадат каков било податок, ниту да донесат формална одлука. По ова, апликантката поднела тужба за „молчење на администрацијата“. Тужбата била одбиена од двата управни суда во 2020 година со образложение дека органите постапиле правилно, бидејќи бараните информации се службена тајна.
Наводите на апликантката ЕСЧП ги испита од аспект на обврската на државата да обезбеди ефективно почитување на нејзините права заштитени со членот 8 (право на приватен и семеен живот). Судот во Стразбур забележа дека иако институциите се повикале на принципот на пропорционалност, тие не ги идентификувале спротивставените интереси, ниту извршиле нивно балансирање, а воопшто не се осврнале на медицинските причини поради кои апликантката ги барала податоците.
Во однос на членот 123-а од Законот за семејството, ЕСЧП констатира дека тој не предвидува можност за добивање неидентификувачки информации (кои не го откриваат идентитетот), ниту пак предвидува исклучок од тајноста поради медицински причини. Според ЕСЧП, ова било пречка институциите да ги оценат аргументите на апликантката.
Судот забележа и дека Уставниот суд во 2019 година не го зел предвид интересот на возрасен посвоеник за добивање информации за медицинската историја. ЕСЧП заклучи дека домашните институции не направиле правилен баланс, со што е утврдена повреда на членот 8 од ЕКЧП.
Покрај овие пресуди, Судот во Стразбур во 2024 година донел вкупно 18 одлуки против Северна Македонија. Износот на досудени средства по сите основи (пресуди, спогодби и еднострани декларации) изнесува вкупно 2.191.889 евра. Ова претставува рекордна сума во последните 10 години. Во еден случај било забележано и доцнење при исплатата.
По овој извештај, претстои изработка на извештајот за 2025 година. Вкупната досудена сума за изминатата година сè уште не е официјално објавена.
С. К. ДЕЛЕВСКА



