Матичните гинеколози бараат промени на превентивните мерки, меѓу кои и ПАП тестирањето да се замени со ХПВ тест, но разговараме и верувам до крајот на јануари ќе ги објавиме сите промени, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски.
Во февруари 2023 , проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, рече дека ХПВ тестирањето треба да се воведе како примарен скрининг, оти има точност од 99, 99 отсто. Со упат од матичен гинеколог, ХПВ тестот на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) чини 700 денари, а во приватните лаборатории над 3.000 денари.
„Во разговори сме со Здружението на приватни лекари, здруженијата на стоматолози и на гинеколози, разговараме за дестимулативните мерки, за казнената политика, за капитацијата и за превентивните методи. Во сите тие делови има измена, имаме начелна цел договорена, тоа ќе биде повеќе од пристојно зголемување. Конечната бројка ќе биде во пакет соопштена. Преговорите со матичните лекари, генерално со примарното здравство, ни беа таргет да ги завршиме до Нова година, меѓутоа заради превентивните мерки ќе останат за после Нова година. Зголемувањето на капитацијата веќе не е спорно и е буџетирано, имаме разлики околу делот за превентивните мерки, што сè ќе се опфати во делот кај превентивните мерки. Тие бараат некои стари превентивни мерки да се укинат, да се воведат нови, а новите предизвикуваат нови финансиски трошоци и мораме да се усогласиме. Сето тоа бара малку повеќе време, но разговорите продолжуваат и верувам до крајот на јануари ќе ги презентираме сите промени“, рече Клековски на вчерашната средба со медиумите.
- СЕ БАРА НАЧИН ДА БИДЕ БЕСПЛАТЕН ХПВ СКРИНИНГОТ КОЈ ЧИНИ ОД 700 ДО НАД 3.000 ДЕНАРИ
- ДА СЕ ВОВЕДЕ ХПВ-СКРИНИНГ ПОРАДИ ВИСОКИОТ ПРОЦЕНТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА, БАРААТ ГИНЕКОЛОЗИТЕ
Министерството за здравство лани донесе одлука со која бесплатен ПАП- тест следува не еднаш годишно, како што беше досега, туку отсега ќе биде на три години.
Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) вели дека, Македонија, како и останатите земји во светот често ги засноваат своите здравствени политики и програми врз основа на препораките од меѓународни здравствени организации, како што е Светската здравствена организација (СЗО) која го препорачува ХПВ тестирање како примарен скрининг метод за рак на грлото на матката – самостојно или во комбинација со ПАП тестови.
На прес-конференцијата на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, Македонското здружение на радиолози и Македонското здружение за патологија на 24 јануари 2023, по повод Недела на борба против ракот на грлото на матката, лекарите кажаа дека на 100 илјади жени на годишно ниво, според податоците од последните неколку години, 20-21 заболуваат од рак на грло на матка, што е доста висок процент. Потребно е подигање на јавната свест за што помасовна ХПВ вакцинација кај девојчињата и ХПВ примарен скрининг кај жените на возраст од 25 до 65 години. Тие кажаа дека ХПВ тестирањето е статистичка метода со која се покажува дека практично жената којашто има високоризичен тип носи огромен ризик да има преканцероза и на тој начин рано се открива и се лекува, со што се спречува да дојде до инвазивен рак.
„Примарен ХПВ-скрининг – тоа значи дека на почетокот на одредена популација се земаат примероци од грло на матка и се тестираат за присуство на ХПВ вирусот следено со негова генотипизација односно одредување на генотипот на вирусот, односно дали се работи за ниско или високо ризичен. Повеќе европски земји практикуваат примерен ХПВ-скрининг, со тоа што скринингот се спроведува кај жените на возраст од 25 до 65 години. Утврдено е во тој скрининг да не спаѓаат жените од помладата возрасна група од 21 до 25 години, бидејќи бројот на инфекции кај таа возрасна група е голем и анализите покажуваат дека најголем дел од тие инфекции спонтано ќе се елиминираат и само во помал процент вирусот ќе премине во интегративна фаза“, кажа тогаш професорот Рубенс Јовановиќ.
Карциномот на грлото на матката во светот учествува со 10% во вкупниот број на малигни неоплазми. Тој е дванаесетти по честота и петти по смртност рак кај жените во светот. Овој скрининг има најдолга историја во Македонија. Во годишните програми има формулација дека скринингот се смета за успешен доколку во период од 3 години се опфатат 75% од жените на целната возрасна група. Но, програмите немаат дефинирано годишни индикатори за успешност (иако во некои постои 5% индикатор од таргетираната популација да биде предмет на скрининг, а тоа е далеку од потребното ниво на скрининг за да се оствари посакуваниот опфат за 3 години од 75%).
Б. НЕСТОРОСКА