Дваесетина млади хонорарци во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје три месеци немаат земено плата и се очекува наскоро да се затвори бифето, велат извори од оваа институција за САКАМДАКАЖАМ.МК. Плата немаат земено ангажираните со договор за дело од Детскиот креативен центар, од Планетариумот, од киното Милениум и од бифето.
„На сопствена сметка сме под постојан удар на извршители, а проценката е дека сме минимиум 15 милиони денари (над 240.000 евра) во долг, во кое не се вклучени сметките за струја, вода и парно. На преминот од 2021 – 2022 кога градоначалничката Данела Арсовска го назначи Ванчо Богоев на местото на Русе Арсов како в. д. директор, институцијата беше со 5 милиони денари (80.000 евра) на сопствена сметка во позитива. Добивме назнаки дека наскоро ќе ни биде исклучена и струјата“, велат нашите извори, кои сакаат да останат анонимни бидејќи не се овластени за официјални изјави.
Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК на 30 јуни испрати прашања до директорот на МКЦ, Арбен Бени Шаќири, и до Одделот за сметководство зошто ангажираните со договор за дело немаат земено плата, кога ќе земат плата, колкав е долгот на МКЦ и дали наскоро ќе им биде исклучена струјата, но до објавувањето на текстот не добивме одговори.
Киното Милениум е затворено од 2 април, а уште нема информации кога ќе се отвори. Како што велат нашите извори, бидејќи продукцијата на настани во организација на МКЦ е скоро нула, загрозени се членувањата во меѓународните мрежи како ЛајвЈуроп (LiveEurope), ФИАПФ и Еуропа Синемас, под закана дека ќе бидат исклучени. Тие мрежи, велат тие, значат живот за МКЦ, бидејќи без нивна поддршка, ќе ги снема снема од европската мапа.
„И ова се само дел од огромните проблеми со кои се соочува институцијата, која од позитивен пример на функционалост и прибежиште на културниот живот во Скопје, се ближи кон стечајна постапка во период од само три години лош менаџмент и непостоечка поддршка од Градот Скопје. Како за илустрација, во 2021 година буџетот за програма на МКЦ изнесуваше 23 милиони денари (над 370.000 евра) од Градот Скопје, за во 2025 да спадне на 5 милиони денари (80.000 евра), а планираме Скопје да биде Европска престолнина на културата во 2028 година“, алармираат нашите извори.
Сличен проблем имаше во март 2024, кога поради изборите не им беа продолжени договорите на хонорарно ангажираните лица во МКЦ, а тогаш Шаќири рече дека после изборите и кога ќе биде дозволено според законските прописи, повторно ќе бидат со работен ангажман хонорарно ангажираните лица.
САКАМДАКАЖАМ.МК лани на 1 март објави дека 30 хонорарци се избркани од МКЦ, Шаќири тогаш ни рече дека не се работи за отпуштања, туку договорите на хонорарните вработувања, според правилникот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во врска со изборите, се прекинуваат до моментот на завршување на изборниот процес.
- ДВА МЕСЕЦА Е ЗАТВОРЕНО СКОПСКОТО КИНО МИЛЕНИУМ, ШАЌИРИ ВЕЛИ НЕ Е БЕЗБЕДНО ОТИ ПРОКАПУВА КРОВОТ
- ПО ИЗБОРИТЕ ХОНОРАРЦИТЕ ЌЕ БИДАТ ВРАТЕНИ НА РАБОТА ВО МКЦ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ БЕНИ ШАЌИРИ
- НЕ ОТПУШТИВ ХОНОРАРЦИ ОД МКЦ, ТУКУ НЕ ИМ ГИ ПРОДОЛЖИВ ДОГОВОРИТЕ ПО ПРЕПОРАКА НА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА, ВЕЛИ БЕНИ ШАЌИРИ
- ИЗБРКАНИ ОД РАБОТА 30 ХОНОРАРЦИ ВО МКЦ, ЗАТВОРЕНИ СЕ ПЛАНЕТАРИУМОТ, КАФУЛЕТО И ПРОДАВНИЦАТА „АПОТЕКА“, КИНО МИЛЕНИУМ ЌЕ РАБОТИ ПОЛОВИЧНО
Б. НЕСТОРОСКА