ПО ИЗБОРИТЕ ХОНОРАРЦИТЕ ЌЕ БИДАТ ВРАТЕНИ НА РАБОТА ВО МКЦ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ БЕНИ ШАЌИРИ

    ПО ИЗБОРИТЕ ХОНОРАРЦИТЕ ЌЕ БИДАТ ВРАТЕНИ НА РАБОТА ВО МКЦ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ БЕНИ ШАЌИРИНа концеротот на 4 март вратата од делот каде што се бифето и кино Фросина беше заклучена, платото беше пусто, мрачно и без маси и столчиња. (Фото: Г. Конев)

    После изборите и кога ќе биде дозволено според законските прописи, повторно ќе бидат со работен ангажман хонорарно ангажираните лица  од Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје на кои не им се продолжија договорите, а кои се непоходни за редовното функционирање на институцијата, вели директорот Арбен Бени Шаќири.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 1 март објави дека 30 хонорарци се избркани од МКЦ, а тоа значи дека во МКЦ повеќе нема да се ангажираат лица за предавања во Планетариумот, лица за реализација на програмските активности (технички лица и орагнизатори на настани), кафулето е целосно затворено, затворена е и продавницата за плочи „Апотека“, додека киното Милениум ќе работи со преполовена дејност. Шаќири тогаш ни рече дека не се работи за отпуштања, туку договорите на хонорарните вработувања, според правилникот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во врска со изборите, се прекинуваат до моментот на завршување на изборниот процес.

    Шаќири денес преку соопштение вели дека се работи за придржување кон законските обврски кои произлегуваат од известувањето на ДКСК и изборниот законик според член 8-а, упатено до сите институции. Тој додава дека апсолутно не станува збор за своеволна еднострана одлука за прекин на договори, туку се работи исклучиво за придржување и почитување на законските прописи согласно изборниот законик кој стапува на сила од денот на распишување на претседателските и парламентарните избори 2024.

    „Од таа причина сите лаги, клевети и обвинувања на сметка на МКЦ ги отфрламе како неосновани и како дел од хајка која се врши со цел да се наруши угледот на институцијата и нејзиното раководство. Во тој контекст, нагласуваме дека ниту еден настан од програмата и според предходно потпишаните договори не е откажан. Исто така, нагласуваме дека се работи за инсинуација дека на МКЦ е ставен клуч со што ги отфрламе сите обвинувања дека МКЦ не работи. МКЦ е и останува институција отворена за сите“, вели директорот.

    Шаќири додава дека од сите претходни раководни структури на институцијата како и сите претходни мандати на состави на Совети при град Скопје, се дозволило институцијата да се доведе во позиција без да се регулира трајно статусот на времено ангажираните лица во МКЦ.

    „Нагласуваме дека е упатен и официјален допис до ДКСК со цел да се добие мислење/согласност за понатамошно дејствување на што сѐ уште до МКЦ нема пристигнато никаков одговор“, вели Шаќири.

    На 4 март во МКЦ се одржа првиот концерт во новонастанатите услови. Гостуваше полскиот дет метал бенд „Хејт“ (Hate), а фановите начекаа не несекојдневна, туку досега невидена глетка, што многумина кратко ја прокоментираа како жална и чудна.

    Вратата од делот каде што се бифето и кино Фросина беше заклучена, платото беше пусто, мрачно и без маси и столчиња, а не работеше ни шанкот внатре. Без бифето и шанкот присутните останаа без можност да си купат пијачка. Сѐ што се донесе, се испи уште до 22 часот пред МКЦ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира