МОИТЕ ЧУВСТВА ДЕКА ЌЕ СЕ ГОНАТ ПОРАНЕШНИ ФУНКЦИОНЕРИ ОД СДСМ СЕ СЀ ПОСИЛНИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ, ОТКАКО ФИЛИПЧЕ СЕ ПОЖАЛИ ВО ЕУ

    МОИТЕ ЧУВСТВА ДЕКА ЌЕ СЕ ГОНАТ ПОРАНЕШНИ ФУНКЦИОНЕРИ ОД СДСМ СЕ СЀ ПОСИЛНИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ, ОТКАКО ФИЛИПЧЕ СЕ ПОЖАЛИ ВО ЕУ„Имам чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејствата, ќе бидат опфатени во одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информација, имам чувство“, изјави Мицкоски; - Од денешниот настан во Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров. (Фото: Влада на РСМ)

    Моите чувства се сè посилни, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако на 15 април кажа дека има чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејствата, ќе бидат опфатени во судски процеси.

    На новинарско прашање на настан во скопската Општина Ѓорче Петров за тоа дека претседателот на СДСМ Венко Филипче по изјавата испратил официјални писма до институциите на Европската Унија – Европската комисија, Европскиот парламент, како и до известувачот за Македонија и амбасадорите на земјите-членки, во кои изразува загриженост за состојбите со владеењето на правото во земјата, Мицкоски кусо одговори:

    „Секој има право да си се допишува и да си праќа писма. Но, моите чувства се сè посилни“.

    Филипче во писмата посочува на основана загриженост за координирани обиди на извршната власт за влијание врз правосудните институции, што, според партијата, претставува ризик од политизација на судските процеси.

    Во писмата се цитира и изјавата на Мицкоски од 15 април: „Имам чувство, кога набргу, високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада, нивни блиски од семејството ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информација, имам чувство“.  Оваа изјава во СДСМ ја оценуваат како најава за можни политички притисоци и селективни постапки против поранешни функционери.

    Од партијата сметаат дека ваквите пораки можат да се толкуваат како индикација за политички реваншизам и потенцијално влијание врз институциите, при што се нагласува дека тоа е спротивно на европските демократски стандарди.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира