Анкетата на Стопанската комора на Северна Македонија покажува дека од 130 анкетирани приватни компании, од најголеми до најмали, на секоја втора ѝ било барано мито. Најкорумпирани се институциите од централната власт, а тие од локалната учествуваат со 22 отсто корупција кон приватните фирми и компании со кои соработувале. На прсти се бројат тие што пријавиле корупција пред Обвинителството, а за чудо, во анкетата овие компании се изјасниле дека само јавните обвинители и Државниот завод за ревизија (ДЗР), никогаш не биле корумпирани кон нив.
Потпретседателот на Стопанската комора Зоран Јовановски ги презентираше резултатите од Анкетата со приватниот бизнис за прашања поврзани со корупцијата, финансирана од УСАИД.
Главната причина за постоење на корупција според испитаниците е: „Судскиот систем е неефикасен“, но и дека „Поединци што ја претставуваат власта сакаат брзо да се збогатат“. Од овие 130 прашани компании, Комората добила 83 одговори.
На прашањето:„Дали сте се соочиле со коруптивни барања во 2023 година, 53 отсто одговориле со „Да“, а 47 отсто со „Не“, што е повеќе од секоја втора од нив.
Барањето мито, услуги, условувања за вработување во приватните компании на блиски луѓе од семејството, најмногу (78 отсто) доаѓале од претставници на централната власт (Владата, министерствата, директорати, агенции, инспекторати…).
Највеќе мито се бара во постапки за давање дозволи, одобренија и слично. На второ место се одговорите за корупција при инспекциски надзор, на трето при царинска постапка, а потоа во даночна, судска итн.
Има нула одговори за корупција од Обвинителствата и во постапка на ревизија.
Дури 61 отсто од одговорите на компаниите се дека во 2023 им бил побаран поткуп од два до петпати, а на 20 отсто од нив, „само“ еднаш. 26 од испитаните фирми одговориле дека поткупот им го барале во пари, на 15 во подарок, од 12 барале противуслуга, а останатите требало да вработат некого, да донираат во политичка партија итн.
Начин на барање мито: две третини од приватните компании рекле индиректно, на третина од компаниите им било побарано директно. На 51,2 проценти од нив им биле побарани пари од 1-10.000 евра, а на 12 отсто повеќе од 100.000 евра.
Најголемиот дел од ваквите фирми кои биле изложени на корупција, се изјасниле дека оставиле така, не дале ништо. Шест од нив сметаат дека „нормално е да се даде нешто“, а само 4 пријавиле кај претпоставениот во секторот. Нема такви во анкетата што кажале дека пријавиле во полиција или во Обвинителство, зашто од сите анкетирани, дури 42 одговориле дека не веруваат оти ќе има ефект ако пријават.
Но, дури 39 од компаниите одговориле дека се плашат од негативни последици за бизнисот ако пријават корупција, стравуваат дека фирмите ќе им пропаднат, што е застрашувачки.
А дека се во право, зборува фактот што само поради неприфаќање на коруптивно однесување, на половината од нив им биле пролонгирани бизнис-активностите: ненавремено добивање дозволи, стоката им стоела на граница, им пропаднале бизнис-зделки и слично.
Спротивно на намалувањето на казните за корупција во Кривичниот законик, бизнис секторот се изјаснил дека за борба против корупцијата треба тие да се зголемат, а дури 47 од нив сметаат дека треба Обвинителството брзо да се изјаснува за пријавите од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), без разлика дали ги отфрлаат или се покренува постапка за некоја од нив.
С. К. ДЕЛЕВСКА