НА ЖИВОТНИТЕ ИМ ФАЛАТ ДЕЦАТА, ЗА ДА НЕ СЕ ОСАМЕНИ ОСТАНУВАМЕ И ПО РАБОТНОТО ВРЕМЕ, ВЕЛАТ ОД ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО СКОПЈЕ

    НА ЖИВОТНИТЕ ИМ ФАЛАТ ДЕЦАТА, ЗА ДА НЕ СЕ ОСАМЕНИ ОСТАНУВАМЕ И ПО РАБОТНОТО ВРЕМЕ, ВЕЛАТ ОД ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО СКОПЈЕСлоновите Дуња и Даела се научени на многу луѓе околу нивното живеалиште сега им е чудно дека градината е празна. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Веќе еден месец во Зоолошката градина во Скопје нема посетители поради пандемијата на КОВИД-19. Сега во градината е неовообичаено тивко и мирно, нешто на што животните не се навикнати. Единствено секој ден се дружат и играат со негувателите, кои сега поминуваат двојно повеќе време во градината за животните да не се чувствуваат осамено.

    „Дел од животните уживаат во пролетните сончеви денови и одмараат. Тоа најмногу се забележува кај големите мачки како тигрите и лавовите. Мечките Бим и Бум пак го користат времето за игра и забава. Но, слоновите на пример се научени на многу луѓе и периодов им е чудно. На нив се трудиме да им посветиме најголемо внимание, а колегите кои работат како нивни чувари често остануваат и по работното време за да се дружат со Дуња и Даела. Морските лавови Кан и Гете исто така се чудат каде се луѓето што редовно им се восхитуваат при нивните тренинзи, но за среќа тука се патките кои сега се редовна публика кога Гете и Кан се хранат. Дел од животните, како мајмуните и жирафите се збунети од целата тишина. А Коко и пријателите пак се научени да не бидат опколени со многу луѓе. Коко како главен во групата од самото враќање во Скопје сака да го дружиме повеќе“, велат зоо негувателите во градината.

    „Жирафите се збунети од тишината во градината“, велат зоо негувателите. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Зоолошката градина по појавата на коронавирусот функционира со намален број на вработени, но, од управата велат дека се  соодветно и тимски организирани, па животните ја добиваат потребата грижа и нега.

    „Животните редовно си ги добиваат здравите оброци, но и поголемо внимание од негувателите. Иако е пандемија, освен што немаме посетители, другото си функционира нормално. Единствено деновиве  малку се исплашивме дека можеби ќе останеме без леб за животните, поради големата побарувачка од граѓаните, но за среќа компанијата која не снабдува ни подготви поголема количина. Гледаме и редовно да правиме преноси во живо за да не им недостасуваме на посетителите. Видеата може да се следат на нашата фејсбук страница. За Велигденските празници подготвивме забава за верверичките“, вели Тина Мицковска, портпарол на Зоолошката градина.

    Мечките Бим и Бум уживаат во сончевото време и сега се многу поактивни, велат од Зоолошката градина. (Фото: ЗОО)

    Откако во Зоолошката во Бронкс, Њујорк беше регистриран првиот случај на животно-тигар позитивен на коронавирус, надлежните во скопската градина работат според посебен протокол пропишан во сите светски зоолошки за однесување и грижа за животните во време на пандемијата.

    „По новите сознанија дека животните од фамилијата на мачки може да го добијат вирусот сме особено претпазливи со нив, а исто така и со најблиските до човечкиот род- шимпанзата и мајмуните. Постојано вршиме дезинфекција низ градината и живеалиштата, а вработените користат заштитна опрема“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.

    Во Зоолошката градина од пред десетина дена нови жители се 15 фламинга, кои се помали од една година. Во моментов се наоѓаат во карантин, а наскоро ќе бидат префрлени во живеалиштето кое е направено специјално за нив според сите светски стандарди.

    Во скопската градина работат според посебен протокол пропишан во сите светски зоолошки за однесување и грижа за животните во време на пандемијата.(Фото: Ѓ.Личовски)

    „Фламингата се од видот американски фламинга или карипски, што значи ќе ја имаат онаа розова боја по која се препознатливи. Сега бидејќи се млади сѐ уште имаат бело сивкаста боја, а со специјалната исхрана со посебен вид ракчиња, кои ги набавуваме од Германија, со текот на времето ќе ја менуваат бојата во розева. Надворешниот дел на живеалиштето е при крај и се надеваме дека сите заедно ќе имаме можност да го видиме неговото отворање. Но, доколку продолжи ситуацијата со коронавирусот, ќе можеме и виртуелно да го пренесеме отворањето до нашите посетители преку вклучување во живо од Зоолошката“, вели Галетановски.

    Во градината во моментов се гради живеалиштето за пингвините, кои штом се отворат границите, ќе стигнат од Лондон. Градината ќе добие и алпаки, а летово треба да биде отворен и Дино паркот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира