НАТАША САВОВА МИ СЕ СИЛЕШЕ ПРЕКУ МИЈАЛКОВ ДА ЈА ПРЕКИНАМ ИСТРАГАТА ПРОТИВ ПРИТВОРЕНИОТ ОРЦЕ КАМЧЕВ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛИЛЕ СТЕФАНОВА НА „РЕКЕТ“

    НАТАША САВОВА МИ СЕ СИЛЕШЕ ПРЕКУ МИЈАЛКОВ ДА ЈА ПРЕКИНАМ ИСТРАГАТА ПРОТИВ ПРИТВОРЕНИОТ ОРЦЕ КАМЧЕВ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНИТЕЛКАТА ЛИЛЕ СТЕФАНОВА НА „РЕКЕТ“Обвинителката Стефанова кажа дека уште од самиот почеток од првиот ден кога се вршел претресот во компаниите на Камчев, некој како да го известувал цело време. - Лиле Стефанова сведочи во Кривичниот суд (Фото: К. Попов)

    Обвинителката Лиле Стефанова, која ја води „Империја“ утринава во сведочењето раскажа и низ какви притисоци минувала веднаш по отворањето на истрагата против Орце Камчев, Цветан Панделески, Сашо Мијалков и останатите од осомничената група.

    Сведочењето го дава во случајот „Рекет“, кај што се обвинети Бојан Јовановски-Боки 13 и нејзината поранешна шефица Катица Јанева за рекетирање со 1,5 милиони евра на Камчев за да биде ослободен.

    „На 20 ноември 2018 година го викнав осомничениот Камчев во СЈО од притвор. Во моментот додека стручниот соработник го носеше адвокатот во просторијата, Камчев искористи еден момент и ми извади еден лист хартија од џеб и рече: ’Читај за да се запознаеш со мене‘. Горе на листот стоеше лого ’Аџибадем Систина‘. Ми рече да не го читам кириличниот текст, туку тој на латиница. Текстот беше напишан од Наташа Савова. Ми беше препорачано да разговарам со Сашо Мијалков за негово ослободување од оваа истрага. Камчев ми укажа дека многу луѓе се околу него и може да влијае на истрагата. Во текстот од Савова пишуваше дека за Камчев во пакет ќе се предвидат многу мерки за кои ќе се погрижи таа“, сведочеше Стефанова.

    Потоа ова ѝ го кажала на Јанева и како што тврди Стефанова, Јанева тука ништо не искоментирала. Претходно Стефанова, одговарајќи на прашања на обвинителката Гордана Смаќоска кажа дека уште од самиот почеток од првиот ден кога се вршел претресот во компаниите на Камчев, некој како да го известувал цело време.

    Од истражителите Стефанова дознала дека кога дошле рано дента да вршат претрес, Камчев веќе ги чекал облечен и спремен исто како и неговата сопруга, а таму веќе биле дојдени и Михајло и Филимена Маневски.

    На почетокот Јанева не вршела никакви влијанија врз истрагата, кажа Стефанова. Сè до декември, кога ги викнала на колегиум за Законот за Јавно обвинителство.

    „’Лиле, еве ти ги петте предлози за притворените. Ќе ги преформулираш жалбите и на овие осомничени место притвор ќе предложиш куќен притвор. Исто ќе направиш и за Миле Јанакиески и за Кирил Божиновски, но и за Сашо Мијалков. Нема да бегаат‘. Јас се побунив зашто влијанието врз сведоците беше страшно“, сведочеше Стефанова.

    Катица на ова кажа:

    „Тоа е моја одлука. Тоа е за процесите во државата и за носење на Законот за Јавно обвинителство“.

    Тука сите обвинители од СЈО молчеле, се побунил само колегата Артан Ајро, рече Стефанова

    Така, мерките притвор биле заменети со мерки куќен притвор сè до февруари 2019 година кога Врховниот суд ги укина мерките, но пасошите на Камчев и на останатите останаа во Кривичниот суд на предлог на Стефанова.

    Сведочењето продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира