НАУЧНИЧКАТА СВЕТЛАНА МОЈСОВ, КОЈА ГО ОТКРИ ПЕПТИДОТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ДИЈАБЕТЕС И ДЕБЕЛИНА, ДОБИ СТОЕЧКИ АПЛАУЗИ ПО ПРИСТАПНОТО ПРЕДАВАЊЕ ВО МАНУ

    НАУЧНИЧКАТА СВЕТЛАНА МОЈСОВ, КОЈА ГО ОТКРИ ПЕПТИДОТ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ДИЈАБЕТЕС И ДЕБЕЛИНА, ДОБИ СТОЕЧКИ АПЛАУЗИ ПО ПРИСТАПНОТО ПРЕДАВАЊЕ ВО МАНУ„Ми претставува чест што сум избрана и поканета да одржам предавање пред Македонската академија на науките и уметностите“, рече Мојсов. (Фото: К. Попов)

    Цел салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) стана на нозе со аплауз да ѝ честита на светски реномираната македонска научничка д-р Светлана Мојсов, по нејзиното пристапно предавање во највисоката научно-образовна институција во земјава. Како ретко кога салонот на МАНУ и галериите беа полни со академици, научници, доктори од повеќе области, студенти, до толку што голем број и на нога го проследија предавањето.

    Мојсов (79), хемичарка од Универзитетот Рокфелер во САД, е во тимот со научниците д-р Џоел Хабенер и д-р Лоте Бјере Кнудсен кои го открија пептид-1 (GLP-1) што направи револуција во лекувањето на дијабетес и прекумерната дебелина, како создавање на лекот „оземпик“. Изминативе две години д-р Мојсов и тимот добија многу светски научни награди за нивниот револуционерен придонес во развојот на пептидот-1  сличен на глукагон со што го трансформираа третманот на дијабетес тип 2, помагајќи им на милиони луѓе ширум светот.

    ​„Ми претставува чест што сум избрана и поканета да одржам предавање пред Македонската академија на науките и уметностите. Предавањето ќе биде на англиски јазик, бидејќи ми е полесно оти  50 години зборувам на англиски јазик за наука“, рече Мојсов, која е избрана за член на Академијата надвор од работниот состав.

    Предавањето беше на тема: „„GLP-1: Хемијата е од суштинско значење: Од потенцијален пептид до ефикасни лекови за дијабетес и дебелина (GLP-1: Chemistry matters: From a Putative Peptide to Effective Medicines for Diabetes and Obesity).

    Салонот на МАНУ и галериите беа полни со академици, научници, доктори од повеќе области, студенти, до толку што голем број и на нога го проследија предавањето. (Фото: К. Попов)

    Академик Димитар Ефремов рече дека професорката Мојсов е една од најистакнатите и најпризнаените биохемичари на нашето време.

    „Нејзината научна работа претставува редок пример за тоа како темелните истражувања водени од научна љубопитност, прецизност и истрајност може да доведат до откритија со исклучително значење за медицината и за човечкото здравје. ​Со своите истражувања на пептидните хормони, таа ги постави научните основи за развој на една нова класа лекови, благодарение на кои денес се подобрува здравјето, квалитетот и должината на животот на милиони луѓе во целиот свет“, рече академик Ефремов.

    Академик Живко Попов, врачувајќи ѝ го решението за членка на МАНУ надвор од работниот состав, рече дека се надева оти нема да помине долго време пред пак да биде гостинка во Македонија.

    Професорката Мојсов со академик Ефремов и академик Нада Поп Јорданова. (Фото: К. Попов)

    На 26 септември, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја одликуваше  Мојсов со Орден „8 Септември“ за извонредниот придонес во биохемијата како врвна светска научничка и истражувачка.

    Мојсов е ќерка на Лазар Мојсов, македонскиот и југословенски државник и дипломат кој беше и претседавач на Генералното собрание на ОН. Родена во Скопје каде што завршила основно и средно образование, високото образование го завршува на Природно-математичкиот факултет, насока физичка хемија на Универзитетот во Белград каде што дипломирала во 1971. Во 1972 се запишала на докторски студии на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк. Работела под менторство на нобеловецот Брус Мерифилд. Добитничка е на бројни светски награди и признанија. Во земјава, таа ја доби Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, прогласена е за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, како и за почесен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира