НЕ МЕ ИНТЕРЕСИРА ПОЛИТИКА, ВРЕМЕТО ЌЕ ПОКАЖЕ ДАЛИ ГРАДОТ ЌЕ ТРПИ, ВЕЛИ АРСОВСКА ОТКАКО СЕ ИСКАРА СО ВМРО-ДПМНЕ

    НЕ МЕ ИНТЕРЕСИРА ПОЛИТИКА, ВРЕМЕТО ЌЕ ПОКАЖЕ ДАЛИ ГРАДОТ ЌЕ ТРПИ, ВЕЛИ АРСОВСКА ОТКАКО СЕ ИСКАРА СО ВМРО-ДПМНЕ„Оваа е многу комплицирана ситуација и не би сакала да навлекувам во политички пресметки“, рече Арсовска. (Фото: К.Попов)

    Скопската градоначалничка Данела Арсовска која минатата недела се караше со ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски денеска рече дека не ја интересирала политика и времето ќе покажа дали Градот Скопје ќе трпи заради караниците.

    Арсовска најпрво минатата недела го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и секретарот на Градот Ѓоко Велковски оти се сомневала дека го местеле тендерот за пречистителна станица. Истиот ден Арсовска му влета на прес-конференција на Перински и се караше со него. Потоа на седницата на Советот на Град Скопје се караше и со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а од говорницата Мицкоски го нарече шпицен градоначалник, му порака да не се крие и му замери дека ништо не направил за да ги спречи Преспанскиот договор и Договор со Бугарија.

    Денеска Арсовска денеска на прес-конференцијата за реконструкција на улицата Перо Наков прашана како караницата со партијата која ја поддржа на избори и ѝ донесе победа ќе се одрази врз Градот, рече дека тоа времето ќе го покаже. За разлика од минатата недела денеска не ги обвинуваше за криминал и лошо работење директорите на ВМРО-ДПМНЕ, ниту го критикуваше Мицкоски. 

    Што се однесува до нас ние ќе сториме сѐ што е во наша моќ за да продолжиме да испорачуваме проекти во интерес на градот и граѓаните. Дали ќе биде подобро, дали Градот ќе трпи или ќе биде полошо, тоа во секој случај времето пред нас ќе го покаже. Оваа е многу комплицирана ситуација и не би сакала да навлекувам во политички пресметки. Не ме интересира политика. За мене единствен интерес е интересот на граѓаните. Што се однесува до политичките чинители во државата и во која мера тие ќе се одлучат да ги поддржат овие проекти оставам на нивната совест“, рече Арсовска.

    За да може Арсовска да реализира проекти треба тие да бидат поддржани и изгласани во Советот на Град Скопје. Исто така Арсовска треба да добие поддршка и за буџетот на Градот за наредната година, кој доколку не се изгласа ќе треба да се распишат избори за нов Совет како што беше случај со Општина Тетово.

    Во Советот на Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 18 советници, СДСМ и коалицијата 12, ДУИ 5, Левица 4, 2 советника имаат Зелен хуман град и по еден Алијанса за Албанците и Алтернатива.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира