НЕМАЛО НИШТО СЛУЧАЈНО ВО ДЕЛЕЊЕТО СУДСКИ ПРЕДМЕТИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ САЉИЈИ

    НЕМАЛО НИШТО СЛУЧАЈНО ВО ДЕЛЕЊЕТО СУДСКИ ПРЕДМЕТИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ САЉИЈИМинистерот за правда Билен Саљији на денешната презентација на Извештајот од увидот на работната група. (Фото: СДК.МК)

    Судските предмети во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд се делеле рачно, а не преку Системот за автоматска распределба на судски предмети (АКМИС), рече денеска министерот за правда Билен Саљији, презентирајќи го Извештајот од увидот на работната група за работата на Основниот суд Скопје 1, Апелациониот суд и Врховниот суд.

    „Потребата од извршување на увид во работата на познатиот АКМИС систем дојде како резултат на извештајот од експертската група на Прибе, во кој беше наведено дека има индиции за злоупотреба на системот за автоматска распределба на предмети во судовите. Првиот увид се спроведе во Основниот суд Скопје на 5 октомври 2017 година и на 10 октомври 2017 година. Во Апелациониот суд Скопје увидот беше извршен на ден 9 ноември 2017 година. Во Врховниот суд на Република Македонија увидот беше извршен на 17 ноември 2017 година и се однесува на период за 2016 и 2017 година. Предмет на увид, во сите три суда, беа процедурите за функционирање на АКМИС, годишниот распоред на судии, процедурата за исклучување на судија од автоматска распределба и прераспределба на предмети, сите одлуки за рачна распределба на предмети“, рече министерот Саљији.

    Работната група во Основниот суд Скопје 1 утврдила дека Годишниот распоред за работа на судот за 2016 и 2017 година е менуван често, во рок од речиси две години бил десет пати менуван од кои во месец септември 2016 година бил сменет три пати. Не се користел модулот за автоматска распределба на предметите, а распределбата се вршела рачно. При увидот во судот, констатирано е дека постојат 860 предмети во кои што нема доделен судија. Исклучувањето на судиите од автоматската распределба на предметите се вршело без изготвување на писмена одлука со наредба и без образложена причина. Тоа се правело само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.

    Во извештајот стои дека во Врховниот суд АКМИС-от се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети за што постои писмена одлука од Претседателот на судот, но таа не е во согласност со одредбите на Судскиот Деловник.

    „На овој начин наместо случаен избор на судија се добива очекуван избор на судија. Не било формирано Работно тело за управување со движењето на предметите во судот. При промена на претседателот на судот веднаш се носел нов распоред за работа на судии. Не се почитувала процедурата за годишна промена на распоредот, на пример во 2017 година Годишниот распоред за работа на судиите бил сменет 9 пати“, кажа Саљији.

    Министерот рече и дека Извештајот од извршениот увид во наведените судови ќе биде соодветно доставен до надлежните институции за да понатаму постапат согласно своите надлежности. Барање за добивање на податоци за Извештајот, побарало и Специјалното јавно обвинителство кои почна предистражна постапка за злоупотреба на АКМИС системот во Основниот суд Скопје 1 Скопје.

    Во периодот опфатен со Извештајот на работната група, во Основниот суд Скопје 1, претседатели беа Владимир Панчевски (до декември 2016), Татјана Михајлова (до март 2017) и Стојанче Рибарев (до ноември 2017), а во Врховниот суд беа Лидија Неделкова (до декември 2016),  Снежана Бајлозова (до март 2017) и Јово Вангеловски (сè уште на функција).

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира