Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредби до Министерството за внатрешни работи и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“, изјавија од Обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Обвинителството веќе постапува и презема дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело. Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба и да се извршат проверки во ЈП ‘Комунална хигиена‘“, велат од Обвинителството.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за проблемот со несобирањето на ѓубрето ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
И Владата соопшти дека го задолжила Министерството за внатрешни работи (МВР) да испита зошто не се собира ѓубрето низ Скопје, со што се предизвикува опасност по здравјето на луѓето.
Владата соопшти дека ги задолжила Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со МВР, согласно своите законски надлежности, веднаш да отпочнат со координиран вонреден инспекциски надзор на територија на Град Скопје, заради утврдување на состојбата со комуналниот и друг вид на отпад и преземање соодветни мерки и активности.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за проблемот со ѓубрето преку фејсбук објава го обвини Управниот одбор на „Комунална хигиена“ во кој се наоѓаат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за ѓубрето низ Скопје нека се обрати кај претседателката на Управен одбор на ‘Комунална хигиена’, Јулијана Спировска од ВМРО која е правосилно осуден криминалец за две кривични дела и истата го управува ѓубрето и ‘Комунална хигиена‘ веќе 4 години. Сега ќе го исчистеле за 72 часа. Нормално дечко дека ќе го исчистите, затоа што од инат го правите хаосот, ти кога ќе дојдеш да си многу успешен и способен за 72 часа со чистење ѓубре“, напиша Арсовска во објавата која ја илустрира со фотографија од постизборната средба на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски и на избраниот градоначалник на Чаир Изет Меџити од партнерската коалција „Вреди“.
Од ЈП „Комунална хигиена“ попладнево испратија соопштение во кое не кажуваат зошто во Скопје не се собира ѓубрето, туку велат дека не се точни тврдењата дека вработените не зеле плата. Додаваат дека работат со долгови бидејќи Министерството за здравство им должи 5 милиони евра.
Кусо потоа, Министерството за здравство соопшти дека како правен субјект нема никаква обврска или долг кон „Комунална хигиена“.
„Тврдењата за неплатен долг од 5 милиони евра се неточни и целта им е да се нанесе штета на угледот на Министерството или да се амнестира некој од сопствените обврски“, соопшти Министерството за здравство.
Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година.
А. АНТЕВСКА