ОД 1 ДЕКЕМВРИ НОВИ ПРАВИЛА ЗА ОТВОРАЊЕ БОЛЕДУВАЊЕ, МАТИЧЕН ЛЕКАР СМЕЕ ДА ДАДЕ 5 НАМЕСТО 7 ДЕНА КАКО ДОСЕГА

ОД 1 ДЕКЕМВРИ НОВИ ПРАВИЛА ЗА ОТВОРАЊЕ БОЛЕДУВАЊЕ, МАТИЧЕН ЛЕКАР СМЕЕ ДА ДАДЕ 5 НАМЕСТО 7 ДЕНА КАКО ДОСЕГАЗа боледување над 5 дена потребни се соодветни дијагностички испитувања и специјалистички извештај со препорака за боледување и времетраење. (Фото: К. Попов)

Од 1 декември почнува примената на новите правила за отворање и продолжување на боледувањата, со кои се менуваат надлежностите на матичните лекари и постапката за одобрување подолго отсуство од работа, согласн новиот Правилник за утврдување привремена спреченост за работа на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) кој е објавен во Службен весник.

Од ФЗОМ велат дека особено е важно да се нагласи оти со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога постои медицински оправдана потреба.

Избраниот лекар и понатаму е надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, додека за период подолг од 15 дена одлучува надлежната лекарска комисија.

„Доколку осигуреникот има потреба од понатамошна континуирана привремена спреченост за работа со иста дијагноза или со дијагноза од иста група, по истекот на последниот ден од претходно утврдениот период на спреченост за работа, избраниот лекар е должен да го упати осигуреникот на надлежната лекарска комисија. Во таков случај, избраниот лекар доставува нов предлог за оценување на привремената спреченост за работа, во кој се наведува истиот прв ден на спреченост за работа. Поврзаноста на дијагнозите се утврдува врз основа на медицинска проценка, медицинската документација и соодветната класификација на болестите, а не врз основа на произволна административна оценка. На овој начин се обезбедува континуитет во медицинското оценување и доследна примена на критериумите, без да се доведе во прашање правото на осигуреникот на боледување кога за тоа постојат медицински оправдани причини“, велат од ФЗОМ.

Изминативе денови матичните лекари ги известуваат пациентите дека сумирано ова се правилата:

  • До 5 дена: Боледувањето го одобрува матичниот лекар.
  • Над 5 дена: Потребни се соодветни дијагностички испитувања и специјалистички извештај со препорака за боледување и времетраење.
  • Над 15 дена: Потребно е одобрување од лекарска комисија на ФЗОМ.
  • Отворање: Боледувањето се отвора од денот на прегледот или од наредниот ден. Ретроактивно е можно најмногу еден ден наназад, во оправдани случаи.
  • Затворање: Боледувањето се затвора на последниот ден од одобрениот период или најдоцна еден ден подоцна.
  • Повторно боледување: За иста дијагноза во период пократок од 30 дена е потребно претходно одобрување од лекарска комисија.
  • По болничко лекување: Ретроактивно продолжување е можно најмногу 5 календарски дена, со одобрување од комисија.

„Покрај попрецизното уредување на критериумите, измените предвидуваат и повеќе олеснувања за осигурениците, меѓу кои: електронско генерирање на извештајот за привремена спреченост за работа (ПСР), со што се намалува потребата од дополнителни административни постапки. Попрецизно уредување на случаите во кои не е неопходно лично присуство на осигуреникот, како што се неподвижност, болничко лекување и други предвидени исклучоци.  Појасни правила за ретроактивно утврдување на привремена спреченост за работа во определени медицински оправдани случаи. Појасни критериуми и постапки за оценување на медицинската документација“, велат од ФЗО.

Правилникот носи промени и во начинот на отворање на боледувањето. Тоа ќе се евидентира од денот на прегледот кај матичниот лекар, а почетокот и завршувањето на привремената спреченост за работа ќе бидат заведени во медицинската документација.

Ретроактивно отворање боледување нема да биде дозволено, освен во случај кога пациентот ќе се јави кај матичниот лекар наредниот работен ден по настанувањето на спреченоста за работа.

Дополнително, ако во рок од 30 дена по затворањето на боледувањето се појави потреба од ново отсуство поради иста или сродна дијагноза од истата група, матичниот лекар ќе треба да поднесе предлог до надлежната лекарска комисија.

Осигурениците кои нема да бидат задоволни од оценката на матичниот лекар или од одлуката на првостепената лекарска комисија ќе имаат право да поднесат приговор до надлежната првостепена, односно второстепена лекарска комисија.

Од Фондот велат дека покрај редовното упатување со закажан термин, во соодветни медицински оправдани случаи на избраниот лекар му стои на располагање и можноста за издавање на упат без закажан термин (приоритетен упат), со кој се овозможува побрз пристап до потребниот специјалистички преглед, согласно правилата за упатување.

Б. НЕСТОРОСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира