ОД 1 ЈАНУАРИ СКОПЈЕ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ, СОВЕТНИЦИТЕ НЕ ИЗГЛАСАА ДА СЕ ДАДАТ СУБВЕНЦИИ НА ЈСП ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРА

    ОД 1 ЈАНУАРИ СКОПЈЕ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ, СОВЕТНИЦИТЕ НЕ ИЗГЛАСАА ДА СЕ ДАДАТ СУБВЕНЦИИ НА ЈСП ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРАСоветот на Град Скопје не ја усвои одлуката за субвенционирање на ЈСП со 12 милиони евра, со што претпријатието ќе нема пари за гориво и плати. (Фото: К. Попов)

    Советот на Град Скопје денеска не ја усвои одлуката за доделување субвенции на ЈСП „Скопје“ од 12 милиони евра и со тоа од први јануари ќе нема пари за да може да возат автобусите.

    На денешната седница, како точка на дневен ред предложена од градоначалничката Данела Арсовска беше доделување субвенции на ЈСП во висина од 12 милиони евра за да може претпријатието нормално да работи. Се  предвидуваа 130 милиони денари или 2,1 милион евра за бесплатен превоз на пензионери и студенти, 550 милиони денари или 8,9 милиони евра за нормално работење и надминување на потешкотиите во работењето и еден милоион евра за системот за интелигентна наплата. Но, оваа одлука не беше изгласана, бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои го имаат мнозинството и вчера го изгласаа буџетот сега не гласаа „за“. Со тоа, од први јануари ќе нема пари за Скопје да има автобуски превоз, ќе нема пари да се плати гориво и да се поделат плати на вработените.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека станува збор за голема сума пари, а тие немаат никакви информации како се трошат.

    „Никој не знае каде и како ќе се потрошат овие пари. Сите гледаме дека кај трите најголеми добавувачи два месеца не се исплатени пари, па кај кого одат парите кои ги добива претпријатието? Затоа ние предлагаме да се намалат парите односно да се дадат субвенции потребни за месец јануари. Па откако ќе добиеме дополнителни информации, ќе знаеме дали им се потребни навистина толку пари односно над 10 милиони евра. ЈСП станува буре без дно, а никој не ни кажува ништо, не се почитува Советот, се навредуваат советниците, возниот ред не се почитува, граѓаните се незадоволни од јавниот превоз. Оттука се поставува прашање зошто ние би дале толку пари?“, рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски.

    Советниците од СДСМ рекоа дека тие како опозиција во Советот ќе гласаат воздржано како и досега, бидејќи цела година ниту од градоначалничката Данела Арсовска ниту од претпријатието и директорот немаат добиено ниту еден одговор во врска со јавниот превоз и состојбата во претпријатието.

    Градоначалничката Арсовска кажа дека ако советниците не ја усвојат оваа одлука за субвенционирање, Скопје ќе остане без јавен превоз и ги молеше да ја гласаат одлуката.

    „По неизгласувањето на оваа одлука, од 1 јануари нема да има бесплатен превоз за пензионери и за студенти. Нема да има пари за надминување на потешкотиите во работењето предизвикани од економската и енергетската криза и зголемените трошоците за гориво кое е основно средство за да работи претпријатието. Ако не се изгласа одлуката се доведува во прашање дали ќе има јавен превоз. Да не се чудат граѓаните, од први јануари може да немаме трајно јавен превоз оти овие советници за првпат не дадоа поддршка за субвенционирање на ЈСП. Ве молат, треба да размислиме малку подалеку од меѓусебните кавги, политички препукување и тоа што не ви се допаѓа директорот. Да не ги оставиме граѓаните без превоз, ве замолувам да гласате. Понатаму оставам на вашата совест, а граѓаните ќе проценат кој ги оставил без автобуски превоз“, рече Арсовска.

    На крајот оваа одлука не беше прифатена, бидејќи за неа гласаа само 18 советници, што не беше доволно за да помине.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира