Превозниците од денеска во 12 часот ќе ги блокираат сите гранични премини во државата. Блокадата следи по одлуката на Европската комисија од април на превозниците кои со камиони превезуваат производи и стока да им биде дозволен престој во земјите во Шенген зоната само 90 дена.
Ќе нема блокади на лентите наменети за патничкиот сообраќај. Ќе бидат затворени граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на земјава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај. Ќе бидат блокирани граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Покрај во Македонија протест ќе се одржи и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
„Основна цел на протестот е да се укаже на долгорочните последици кои ќе почнат да влијаат на несметано функционирање на економијата во целина во земјите од Западен Балкан, но со пореметување на синџирот на снабдување последиците ќе се осетат и во земјите од Шенген зоната и кај странските инвеститори во сите четири држави. Иницијативата за одржување на протест во сите четири држави како координирана активност е за да се прати порака на Европската комисија, односно генерално на европската администрација на земјите членки на Шенген, но и до нарачателите на превоз да сфатат и лобираат за воведување нови правила за евиденција на времето на престој на професионалните возачи (правило 90/180 дена). Професионалните возачи не се туристи, не се илегални мигранти, терористи ниту илегални работници за да се апсат, депортираат и да им се забранува правото на вршење на својата дејност, со што директно се влијае на транспортната индустрија, но и на стопанството во целост кое се потпира на домашни превозници“, велат од Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“.
Во согласност со здруженијата од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, дозволено е да се пропуштаат товарни моторни возила кои превезуваат лекови, жива стока и муниција и експлозив.



