ОРЦЕ КАМЧЕВ ПРИМИЛ ПОКАНА, НО НЕ ДОЈДЕ ДА СВЕДОЧИ ПРОТИВ МИЈАЛКОВ, НА ОЛИВЕРА ТРАЈКОВСКА ПОКАНАТА Ѝ ОСТАНАЛА НА ВРАТА

    ОРЦЕ КАМЧЕВ ПРИМИЛ ПОКАНА, НО НЕ ДОЈДЕ ДА СВЕДОЧИ ПРОТИВ МИЈАЛКОВ, НА ОЛИВЕРА ТРАЈКОВСКА ПОКАНАТА Ѝ ОСТАНАЛА НА ВРАТАСудијката Александра Ристеска нареди Камчев за наредното судење на 5 јули да биде приведен со полиција. - Орце Камчев и Оливера Трајковска на прослава на годишнина на „Систина“ (архивска фотографија/Вест)

    Бизнисменот Орце Камчев, кој лично ја примил судската покана да сведочи на денешното рочиште за „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, не дојде.

    „Сведокот Јордан Камчев е уредно повикан, а не го оправдал своето отсуство. Барам за следното рочиште да биде стражарно приведен“, рече обвинителот од СЈО Љубомир Лапе.

    По ова, судијката Александра Ристеска нареди Камчев за наредното судење на 5 јули да биде приведен со полиција. Но, остави простор, ако во меѓувреме го оправда денешното недоаѓање, ќе ја повлече наредбата.

    На новинарката Оливера Трајковска поканата да сведочи ѝ била оставена на врата, бидејќи не била дома. За неа судот ќе бара дополнителни податоци за адреса, татково име и друго.

    На рочиштето на 7 септември беа преслушани 35 разговори во врска со апсењето на Љубе Бошкоски, меѓу нив и разговор меѓу Камчев и Трајковска.

    „Не ми се допаѓа ова, да му кажеш на пријателот твој, уште прв ден по избори“, вели Трајковска во разговорот.

    На Камчев, осомничен во истрагата на СЈО „Империја“, му е вратен пасошот заради неодложни службени патувања кои ги има како член на управен одбор и задолжителна едукација, соопштија од Основниот кривичен суд на 5 јуни, а за тоа имало и позитивно мислење од СЈО. Претходно, на 4 март, тој беше ослободен од куќен притвор, со одлука на Врховниот суд.

    Ни обвинетиот припадник на алфите Метуш Шабани не дојде, зашто го повредил коленото. Според потврда од лекарска ординација од село Буковиќ-Скопско и приватен специјалист од „Торацил траума“ до судот, коленото му излегувало од чашката, не можел да оди.

    Во овој предмет на СЈО, првообвинет е ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и шестмина алфи на чело со Ивица Анчевски-Пуки, за нечовечко постапување и изживување на Љубе Бошкоски во акцијата „Кампања“.

    Делото за кое се обвинети седуммината, е казниво од три до осум години затвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира