Жители од скопската населба Карпош 1, осум години со борат и бараат од институциите да го решат проблемот со диво проширениот и незаконски пренаменет објект од куќа во деловен објект со ресторан. Граѓани преку алатката на САКАМДАКАЖАМ.МК Пријави корупција доставија документи за битката која ја водат со државните институции за пренаменетата куќа во деловен објект, во кој има и ресторан и се прават забави, а сето тоа во маало меѓу индивидуални куќи на улицата Драган Ѓаконовски-Шпато, спроти Зоолошка градина, во Општина Карпош.
Според постојниот Детален урбанистички план (ДУП), објектот има намена А1 – семејно домување во станбена куќа. За ваквите објекти прадвидени се компатибилни намени Б1, до 30% мали комерцијални и деловни објекти, В1 до 10% образование и наука, со вкупно учество на компатибилните класи на намени во однос на основната до 30%.
„Осум години се бориме со системот да го спроведе законот. За осум години дете се зачнува, раѓа, проодува, прозборува, и учи минимум два јазика, и знае да препознае добро и лошо. Но, нашиот систем само успева да ја заштити корупцијата. Ќе си речеме ова е демагогија. Само приложениот список на една десетина од документите што ова маало го има генерирано ја кажува целата приказна“, велат во пријавата до нашатата редакација жителите на улиците Драган Ѓаконовски-Шпато, 507 и Беджих Сметана.
Жителите својата борба ја почнуваат на 27 февруари 2018. До Министерство за транспорт и врски праќаат барање за толкување на Член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Потоа, во јануари 2019 е доставена пријава за подготовка за отварање на ресторан до Општина Карпош, Државен инспекторат за труд, Државен пазарен инспекторат, Министерство за економија, Град Скопје, Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам. Но, одговор од нигде нема.
Соседите доставуваат уште едно известување до сите институции за подготовка за отварање на ресторан и за непостапување до однос на првата пријава. Бараат од Министерството за економија на соседот да не му се издаде дозвола за вршење угостителска дејност. Одговор добиваат од Министерството за економија во кој се вели дека надлежена за овој случај е Општината.
Но, ниту една институција не реагира и ресторанот почнува со работа.
На 7 март, а потоа и на 17 април 2024 е доставена пријава до Државен пазарен инспекторат за постоење на деловен објект во објект за домување. На 3 декември 2024 доставена е пријава до овластен градежен инспектор на Општина Карпош за постоење на деловен објект.
На 18 декември жителите добиваат одговор од Општина Карпош дека на 9 август 2024 е донесено решение за уривање, но не се кажува кога и дали објектот ќе се руши.
Најновото барање е од 21 март 2025 доставено до Државен пазарен инспекторат. Соседите бараат од инспекторатот затварање на постоечки нелегален објект во кој се врши угостителска дејност.
Граѓаните со години поднесуваат и пријави за нарушување на јавниот ред и мир и во полициската станица Карпош. Последната пријава е на 15 март годинава, кога во објектот се прави забава со жива музика. Тоа е истата вечер кога во Кочани се случи пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 62 млади луѓе.
„Денеска локалот си работи, Општината не презема ништо, како и ниедна од горенаведените институции до кои сме испратиле барања. Копрупција на секој чекор. Каква порака се праќа до сите овие жители што осум години се борат со системот? Едноставно, системот е тука да ја заштити корупцијата, а не граѓаните“, велат жителите што ја контактираа нашата редакција.

Граѓаните од 2018 до сега имаат поднесени десетици пријави до сите институции, но нема никаква реакција. (Фото: Принтскрин од документите од пријавите кои граѓаните ги доставија до нашата редакција)
Покрај за угостителскиот објект граѓаните уште во ноември 2018 година пријавуваат дека се поставува ограда на јавна површина, а со тоа се узурпира 50 метри земјиште во сопственост на Република Македонија. Доставуваат и пријава за доградба на објект кој има намена индивидуално домување и негова пренамена во ноќен/клуб и ресторан.
„Со преземаните дејствија за изградба на бетонска дворна ограда, извршена е узурпација на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, на кое е изградена повисока од пропишаните стандарди, а со која е припоено државно земјиште во површина од околу 50 метри квадратни кон дворното место на двата објекти. Објектите се реконструирани, надградени и пренаменети за користење, без соодветни одобренија за реконструкција, надградба и пренамена од станбен во деловен простор издадени од надлежен орган согласно член 58 од Законот за градење. Во дворното место изграден е и втор, нов, приземен објект, кој што исто така нема одобрение за поставување/изградба на истиот“, велат жителите во пријавата доставена до Општината што ја испратија до нашата редакција.
Општина Карпош е известена и дека правното лице ја извршува дејноста во објект кој има намена домување во станбена куќа спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, донесен од Министерство за транспорт и врски. Дејноста која правното лице сака да ја извршува, согласно класите на намена на објекти спаѓа во Б3 (големи угостителски единици) во кои спаѓаат сите видови угостителски дејности кои се вршат во самостојни градби или во значителни делови од градбите како што се ресторани, таверни, ноќни клубови, казина и дискотеки. Од Општина Карпош не е добиен одговор.
На 9 март 2022, жителите повторно се обраќаат до Општина Карпош преку поднесување на пријава, во која ја известиле Општината, како единствено надлежен орган, дека се изведуваат и во голем дел се изведени градежни и занаетски активности. На 24 март 2022, од Општина Карпош, Сектор инспекторат е доставено известување со кое пријавителите се известени дека Општина Карпош нема вработено лице кое е лиценциран градежен инспектор и кој може да врши инспекциски надзор.
Следниот месец, на 6 април 2022, од Општина Карпош, сектор Инспекторат е доставено известување повеќе од три години по доставените пријави од страна на жителите во кое се известуваат дека Општината донела решение за отстранување на изградена ограда за која не се поседува градежно техничка документација. Но, се наведува дека решението на Овластениот градежен инспектор кој го извршил увидот на 27 јануари 2020 било обжалено, и по истото има одлука од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, каде жалбата на Инвеститорот е уважена, како и дека истиот е вратен на повторна постапка.
Граѓаните не ја добиле жалбата на инвеститорот и решението на Второстепениот орган, со што како што велат им е ускратено правото како заинтересирани лица да поведат управен спор пред Управниот суд на РСМ.
Од Општина Карпош на нашите прашања одговорија дека делови од објектот се на диво изградени и треба да се урнат, но не кажуваат зошто сите овие години не е постапено.
„За посочената локација, по претходни пријави се покренати повеќе постапки од страна на градежен инспектор при што до сега има донесено решенија за отстранување на ограда, настрешница и надградба кои треба да бидат извршени наскоро. Исто така има поведено постапка и за работа на деловен субјект во објект наменет за домување, која е во тек“, велат од Општина Капрош.
А. АНТЕВСКА