ПО 8 МЕСЕЧНИ МУЛТИЛАТЕРАЛНИ ПРЕГОВОРИ КОЈ Е НАДЛЕЖЕН ЗА УРНАТИОТ ЅИД ЗАД ДЕТСКА КЛИНИКА, ТЕНДЕРОТ Е ВО ВЛАДИНА ПРОЦЕДУРА

    ПО 8 МЕСЕЧНИ МУЛТИЛАТЕРАЛНИ ПРЕГОВОРИ КОЈ Е НАДЛЕЖЕН ЗА УРНАТИОТ ЅИД ЗАД ДЕТСКА КЛИНИКА, ТЕНДЕРОТ Е ВО ВЛАДИНА ПРОЦЕДУРАУште лани директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кажа дека под улицата Белградска постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не може да се утврди. Не ја собират подземната вода која доаѓа од падините на Водно и избива во самиот ѕид и со тоа дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот, но и на улицата. (Фото: К. Попов)

    Поминаа 8 месеци откако се урна дел од потпорниот ѕид зад Клиниката за детски болести во Скопје, а тој сѐ уште не е саниран. Ѕидот се урна на 10 јуни лани, и по неколкумесечни преговори која институција е надлежна за интервенцијата, на 31 октомври Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека Министерството за здравство треба да почне со изградба на ограден/потпорен ѕид зад Клиниката.

    Во преговорите кој е надлежен за ѕидот и кој треба да го санира учествуваа преставници на Министерството за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекцискииот совет, Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи (ЦУК)

    Од Министерството за здравство ни рекоа дека изготвиле информација до Влада, со која се предвидува повеќегодишна јавна набавка за изведба на потпорен ѕид кај Детска клиника, во вкупна вредност од 18.7 милиони денари, (над 306 илјади евра).

    „Иако оштетувањата на ѕидот се настанати заради неисправност на инсталациите за одвод на атмосферски води, имајќи предвид дека станува збор за ограден ѕид на јавна здравствена установа, Министерството за здравство презеде иницијатива да спроведе јавна набавка за изготвување основен проект и да подготви тендерска документација за јавна набавка за избор на изведувач и надзор на работите при што новиот ограден ѕид би се извел согласно донесената планска документација. По усвојување на информацијата на Влада, Министерството ќе подготви тендерска документација и ќе објави оглас за реализација на повеќегодишната јавна набавка. Покрај потпорниот ѕид, предвидено е поставување нови и санирање на постојните инфраструктурни водови, како и соодветно поставување на останатите инсталации“, велат од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Од Владата ни одговорија дека „оваа информација сѐ уште е во владина процедура, кога ќе се поминат сите законски предвидени постапки и ќе се обезбедат соодветните мислења од институциите, Владата ќе ја информира јавноста“.

    Лани на состанокот на ЦУК на 17 јуни, Драги Тарчуговски, државен советник во институцијата, кажа дека урнатиот потпорен ѕид зад Детската клиника во Скопје треба да го поправи Министерството за здравство, бидејќи е ограда на еден објект од комплексот универзитетски клиники. На тој состанок немаше претставник од Министерството за здравство.

    Министерството за здравство треба да почне со изградба на ограден/потпорен ѕид зад Клиниката. (Фото: К. Попов)

    На средбата во октомври, присуствуваа сите поканети претставници, и тоа од Министерство за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекциски совет, Министерство за внатрешни работи и вработените од ЦУК, Тарчуговски и лица од Секторот за операции и координација на ЦУК, коишто непосредно се ангажирани за конкретната проблематика за координација за решавање на опасноста.

    „Министерството за здравство, согласно решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар да започне со изградба на ограден/потпорен ѕид како привремено решение, а Град Скопје да изработи динамика и да започне активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР Скопје со којшто би се редуцирало движењето на тешки товарни возила. Истовремено при активностите за изградбата на потпорниот ѕид, Град Скопје ќе организира пресадување на дрвјата на трасата на улица Белградска, а за трајно, долгорочно, решавање на проблемот, Град Скопје е потребно, во координација со останатите надлежни институции, да изготви нова хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на којашто би се преземале трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање“, беа дел од заклучоците.

    Фото: К. Попов

    Уште на 10 јуни, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кажа дека под улицата Белградска постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не може да се утврди. Не ја собират подземната вода која доаѓа од падините на Водно и избива во самиот ѕид и со тоа дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот, но и на улицата.

    „Долгорочно проблемот е многу посериозен и поголем доколку опфаќа целосно зафаќање на подземните води, затоа што дел од каналската мрежа е изградена во 1950-тите години и е уништена, затрупана, а дел се одржуваат. Целосно одржување на тој систем во моментов не е можен, поради што е потребна реконструкција и изградба на целосно нов систем, што е долгорочно решение, кое би траело со години, можеби и цела деценија. Но тоа е државен проблем кој ќе се решава во иднина. Што можеме да направиме акутно и веднаш. Тоа е поправка на оградата која е во надлежност на Министерството за здравство, бидејќи е ограда за еден објект. И тоа ќе се реши во наредниот период од Министерството“, кажа Тарчуговски на 17 јуни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира