ПО ПЕТ ГОДИНИ ОГРАНИЧЕНА РАБОТА ПЕДИЈАТРИЈАТА ВО ОХРИД ПАК РАБОТИ 24 ЧАСА, ЗАЈАКНАТА СО КАДАР И ОПРЕМА

    ПО ПЕТ ГОДИНИ ОГРАНИЧЕНА РАБОТА ПЕДИЈАТРИЈАТА ВО ОХРИД ПАК РАБОТИ 24 ЧАСА, ЗАЈАКНАТА СО КАДАР И ОПРЕМАИнвестициите во опременоста овозможуваат подобри услови за дијагностика, третман и престој на децата, додека дополнителното кадровско екипирање е особено важно во периодите со зголемен број пациенти. (Фото: СДК.МК)

    Со кадровско зајакнување и нова медицинска опрема, Одделението за педијатрија при Општата болница во Охрид продолжува да ги подобрува условите за лекување и згрижување на најмладите пациенти. По петгодишен период во кој, поради недостиг на специјалисти, Одделението работеше со ограничен режим, денес повторно обезбедува 24-часовна здравствена заштита и хоспитализација. За тој период децата беа препраќани во Струга.

    Во моментов пет лекари се на специјализација, а нивното враќање во Охрид се очекува дополнително да го зајакне тимот и да ги зголеми капацитетите на Одделението.

    „Ова одделение има добра иднина затоа што имаме пет лекари кои се на специјализација, со чие враќање Одделението дополнително ќе се екипира“, вели директорот на Општа болница Охрид, д-р Горан Маркоски.

    Покрај кадровското екипирање, значајни вложувања се направени и во медицинската опрема. Со средства од болницата, но и со поддршка од граѓани и организации, обезбедени се инхалатори, педијатриски ЕКГ, пулсоксиметар со неонатален сензор, гасен анализатор, аспиратор, како и медицински креветчиња, клима-уреди и друга опрема.

    Инвестициите во опременоста овозможуваат подобри услови за дијагностика, третман и престој на децата, додека дополнителното кадровско екипирање е особено важно во периодите со зголемен број пациенти.

    Во текот на туристичката сезона, бројот на педијатриски пациенти во Охрид се зголемува за 30 до 40 проценти, што претставува дополнителен ангажман за медицинскиот персонал. И покрај зголемениот обем на работа, одделението во првата година од повторното воспоставување на целосното функционирање реализирало околу 10.000 прегледи, а околу 120 деца биле хоспитализирани.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира