ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ ФАЛАТ ПЕДИЈАТРИ ВО ОХРИД, ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ПРЕГЛЕДУВААТ И ДО 70 ДЕЦА ДНЕВНО, В БОЛНИЦА СЕ НОСАТ ВО СТРУГА

    ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ ФАЛАТ ПЕДИЈАТРИ ВО ОХРИД, ТРОЈЦА ЛЕКАРИ ПРЕГЛЕДУВААТ И ДО 70 ДЕЦА ДНЕВНО, В БОЛНИЦА СЕ НОСАТ ВО СТРУГАДетското одделение во Струшката болница има капацитет за лежечка хоспитализација на 12 до 15 деца, но и дневна болница со дополнетелни осум кревети за деца кои имаат потреба од еднократна интравенска терапија. (Фото: СДК.МК)

    Во Општата болница во Охрид има недостиг на лекари анестезиолози, уролози, лекари фалат и во Одделот за трансфузиологија каде работи лекар кој е во пензија, Одделот за физикална има двајца лекари кои се пред пензија, а Кожното одделение поради пензионирање, за брзо време ќе остане само со еден лекар.  Охрид е на 16 место од 30 градови во Македонија според можностите за здравствена заштита што можат да ја добијат жителите, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Охрид најлошо котира и според бројот на деца на една служба за здравствена заштита на деца од 0 до 6 години – 3.787.

    Сепак најалармантно е во Одделот за лекување деца каде повеќе од две години се вршат само прегледи и инфузиона терапија, но не и хоспитализација оти нема ноќна смена. Во моментов работат само тројца педијатри од кои едниот, д-р Орхан Зекири, педијатар со 35-годишно работно искуство и началник на Детското одделение во Охридската болница, за една година заминува во пензија. Таму дневно од 25 до 40 деца примаат инфузиона терапија, а се вршат и над 30 прегледи односно во две смени има и до 70 пациенти. За време на летната сезона но и зимскиот период кога се присутни вирусите, настинките и сезонскиот грип, тој број е далеку поголем.

    Според д-р Зекири обемот на работа е голем, се работи многу тешко, се покриваат две смени без да се искористи годишниот одмор, а неретко слободен ден нема ни за викенд.

    „Во изминативе 4-5 години имам неискористен годишен одмор од 105 дена. Држиме прва, втора смена и по една во викенд. Во јануари ги работев сите недели, сите празници и покрај тоа што имам право на годишен одмор, на викенд, на слободен ден. Од 29 дена годишен одмор користам само по пет дена, но тоа е моја добра волја. Во 35 години работен стаж имам вкупно 1.800 дежурства“, кажува д-р Зекири.

    Поради ваквата состојба често е присутна нервозата кај родителите на болните деца, кои се случува да бидат револтирани и непријатни со медицинскиот персонал.

    „Имаме деца кои се упатени од матичните лекари со Мој термин, деца со приоритетен упат и тие се најчести и оние кои доаѓаат сами оти матичните наши сакаат да одат по конгреси, семинари, па пациентите доаѓаат лично сами. Има агресивни родители, нервозни, упатуваат закани ‘прегледај го или ќе те фрлам низ тераса’, и тоа за жал, се случува“, вели д-р Зекири.

    Слабостите во системот се резултат на неиспраќањето млади лекари на специјализација во период повеќе од 15 години. Д-р Зекири вели дека среќна околност е тоа што во моментов има пет специјализантки, со што Детското одделение ќе може нормално да функционира за 7-8 години.

    „Апелирам 15 години дека ќе се доведеме во ваква состојба. Конечно, со последните двајца директори на болницата се испратија 5 лекари на специјализација. Среќа што се одлични лекари и Охрид за седум години ќе ја има најдобрата педијатрија, но дотогаш треба да се издржи. Ова требаше да се направи пред 15 години “, додава д-р Зекири.

    За дефицитот од специјалисти-доктори здравствените власти најавуваа решенија и со ротација на лекари од други места, но Охридската болница и понатака работи со потешкотии оти недостиг на педијатри има скоро во целиот регион.

    Лани од болницата кажаа дека се вработиле 32 лица од кои најголемиот број медицински кадар, меѓу кои и 10 лекари.

    „После подолг временски период од Општа болница Охрид се испратија 9 нови доктори на специјализација. Со ова почнуваме да правиме планско пополнување на одделенијата со дефицитарни специјалисти-доктори, како што е педијатрија, анестезиологија, инфектологија и ќе продолжиме со праќање на нови доктори на специјализација“, кажа од болницата.

    Проблемот со недостиг на педијатри на Детското одделение се провлекува подолг период, поради што тоа сега функционира како дневна амбуланта, а потешко болните деца на кои им треба хоспитализација се носат во Струга.

    Лекарите во Струшката болница велат дека со недостигот на педијатри во Детското одделение во Охрид зголемена е фреквенцијата на пациенти кај нив, посебно за време на дежурствата. Во Струга има пет педијатри-специјалисти кои ги лекуваат и хоспитализираат децата од целиот регион и тројца специјализанти. И нивниот став е ист, недостигот со педијатри како во Охрид така и низ целата држава, е поради погрешно водена политика изминативе 15-тина години.

    Детското одделение во Струшката болница има капацитет за лежечка хоспитализација на 12 до 15 деца, но и дневна болница со дополнетелни осум кревети за деца кои имаат потреба од еднократна интравенска терапија. Таму во текот на зимските месеци, викендите и периодот кога има наплив на туристи и повратници од странство, дневно има и до 120 прегледи.

    Ваквата состојба, сепак, најголем револт предизвика кај родителите од Охрид кои мора да патуваат до Струга за да добијат лекарска помош за нивните болни деца.

    „Помина долго време, но проблемот сѐ уште останува. Да одиш во друг град за да го однесеш детето во болница е срамно. Како не разбираат дека е потребна ноќна служба во секој град, не велам само за Охрид. Среќа што за моето дете не беше потребно да го задржат, беше само прегледано и му дадоа терапија, но има родители кои мора да патуваат до Струга“, вели родител на малолетно дете.

    Д-р Зекири вели дека ваквата состојба создава дополнителни проблеми и за родителите и за колегите од Струга и предлага враќање на стариот диспанзерски систем на работа во здравството.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира