ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПЕНЗИИ ИМАМЕ ПОГОЛЕМИ ОБВРСКИ, ВЕЛАТ ОД ПЕНЗИСКИОТ ФОНД ЗА РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈ

    ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПЕНЗИИ ИМАМЕ ПОГОЛЕМИ ОБВРСКИ, ВЕЛАТ ОД ПЕНЗИСКИОТ ФОНД ЗА РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈБидејќи придонесот за здравствено осигурување на пензионерите се пресметува како процент од исплатената пензија и изнесува 11,8 проценти од нето исплатената пензија, а делот за вториот столб е 6 проценти од вкупните придонеси за пензиско осигурување, сосема очекувано е со растот на пензиите да се зголемува и обврската по овој основ кон Фондот за здравствено осигурување, велат од Фондот за ПИОМ. (Фото: К. Попов)

    Зголемените обврски на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) кон Фондот за здравство (ФЗО) и кон вториот пензиски столб се директен резултат на повисоките пензии и подобриот животен стандард на пензионерите, а не последица на нарушена финансиска стабилност или нефункционирање на системот, велат од ПИОМ откако Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави извештајот за работењето во 2024 година.

    Извештајот на ревизорите покажа дека ПИОМ не ги префрла редовно парите во вториот пензиски фонд иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена и долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб е 42 милиони евра. Со тоа директно се оштетуваат осигурениците, затоа што тие пари не се на нивната лична сметка, не се инвестираат и не носат принос.

    Од ПИОМ велат дека најголемиот дел од ревидираните постапки, одлуки, договори, административни процеси и утврдени состојби се однесуваат на период кога Фондот функционирал под раководство на претходниот менаџмент. Дополнително, значителен дел од забелешките на ревизорите се однесуваат на состојби кои се провлекуваат со години и биле нотирани и во претходни ревизорски извештаи, што укажува дека станува збор за наследени системски слабости.

    „Во јавноста се отворија прашања поврзани со обврските кон Фондот за здравствено осигурување и трансферите кон пензиските друштва од вториот столб. Во таа насока, Фондот за ПИОМ смета дека е потребно да се истакне дека зголемувањето на овие обврски е директна последица на историски најголемото зголемување на пензиите во државата. Со одлуките донесени во изминатиот период, пензиите беа зголемени номинално за околу 7.000 денари месечно за сите 347.000 пензионери. Тоа значи дополнителни средства за пензионерите во износ од околу 30 милијарди денари на годишно ниво. Бидејќи придонесот за здравствено осигурување на пензионерите се пресметува како процент од исплатената пензија и изнесува 11,8 проценти од нето исплатената пензија, а делот за вториот столб е 6 проценти од вкупните придонеси за пензиско осигурување, сосема очекувано е со растот на пензиите да се зголемува и обврската по овој основ кон Фондот за здравствено осигурување. Оттука, Фондот за ПИОМ нагласува дека зголемените обврски се директен резултат на повисоките пензии и подобриот животен стандард на пензионерите, а не последица на нарушена финансиска стабилност или нефункционирање на системот“, велат од Фондот за ПИОМ.

    Од таму додаваат дека исплатите по овие основи зависат од висината на средствата обезбедени во буџетот на ПИОМ и реализацијата на овие стапки во буџетот на Фондот за 2024 година изнесува 82,24 проценти за ФЗО и 92,95 проценти за вториот столб.

    Од придонесите за пензиско осигурување од 18,8% што ги уплаќа еден осигурител од својата месечна бруто плата, 12,8 % се одвојуваат за Фондот за ПИОМ и 6% се уплатува на индивидуалната сметка на членот во приватниот пензиски фонд. Средствата во вториот столб се инвестираат на пазарите на капитал за да остварат принос и да ја зголемат идната пензија на осигуреникот. Осигурениците добиваат пензија од комбиниран систем, односно од првиот и вториот столб, а евентуално и од третиот столб кој е незадолжителен.

    По објавувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија за Фондот за ПИОМ, премиерот Христијан Мицкоски, гостувајќи во подкастот „Каде се парите“, рече дека дека голем дел од корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки.

    „Мислам дека очекувањата кај корисниците се многу поголеми, убеден сум дека тогаш кога е правена оваа реформа имале добри намери, но за жал, сега мислам дека нема да ги даде очекуваните резултати. Од оваа перспектива жалам што воопшто е влезено во правање на оваа реформа, имајќи во предвид дека голем дел од европските земји и членки на ЕУ имаат само еден столб. Не знам дали очекуваните резултати ќе се добијат, да бидам прецизен, сигурен сум дека намерата била добра, но од денешна перспектива загрижен сум дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни“, рече Мицкоски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира