ПОСЛЕДЕН ПАТ ТЕЛОХРАНИТЕЛИТЕ ГРУЕВСКИ ГО ОСТАВИЛЕ ДОМА ВО ЧЕТВРТОКОТ НАВЕЧЕР, ОТТОГАШ НЕ ГИ ПОВИКАЛ

    ПОСЛЕДЕН ПАТ ТЕЛОХРАНИТЕЛИТЕ ГРУЕВСКИ ГО ОСТАВИЛЕ ДОМА ВО ЧЕТВРТОКОТ НАВЕЧЕР, ОТТОГАШ НЕ ГИ ПОВИКАЛАко не го најде Груевски полицијата, ова ќе биде четвртиот бегалец обвинет во случаите на СЈО. (Фото:СДК.МК)

    Телохранителите на осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски, кој од петокот ги избегнуваше судските органи да му го врачат конечното решение за издржување на затворската казна, последен пат се виделе со него во четвртокот навечер, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од судски извори.

    „Колку што знаеме, неговите телохранители пред одделот за потраги во МВР кажале дека последен пат го виделе во четвртокот навечер, на 8 ноември, кога го оставиле дома. За да го обезбедуваат, тој треба да ги повика нив ако излегува. Во петокот не ги повикал воопшто, што се случувало и порано, бидејќи не излегувал задолжително секој ден. Не го повикал обезбедувањето ни викендот, а ни денеска, до распишување на потерницата“, ни изјавија од Основниот суд Скопје 1, чиј доставувач го бараше три пати во петокот и еднаш денеска и не го најде дома.

    Пред зградата на Груевски во Кисела Вода, има и полициска куќичка, во која има лице кое го чува објектот. Службените лица кои се менувале од четвртокот до денеска, неофицијално, пред органите на потргата кажале дека не го виделе дека овие денови ја напушта зградата. Но, укажале дека секој од станарите може незабележано да излезе со возило од подземните гаражи и тоа од куќичката да не се види.

    Во петокот, на доставувачот неколку пати на адресата што ја пријавил Груевски по лична карта и која стои во сите негови обвиненија во Основниот суд Скопје 1, на судските органи врата им отворила Боркица, сопругата на Никола Груевски. Денеска кога судскиот доставувач заѕвонил на истата врата, веќе немало никој. Одвнатре од станот се слушал само лаеж од куче.

    Ако не го најде Груевски полицијата, ова ќе биде четвртиот бегалец обвинет во случаите на СЈО. Сѐ уште во бегство се Горан Грујевски и Никола Бошкоски, главните обвинети за масовното прислушување и за уништување на опремата на МВР со која нелегално се прислушувало со години. И обвинетиот Сеад Кочан избега и се врати кога Врховниот суд му го укина притворот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира