ПРИКАЖАНИ НОВИ ДОКАЗИ ДЕКА ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ РАБОТЕЛА БЕЗ ЛИЦЕНЦА И СО ЗАШТИТА ОД ПОЛИЦИЈА И ИНСПЕКТОРИ

    ПРИКАЖАНИ НОВИ ДОКАЗИ ДЕКА ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ РАБОТЕЛА БЕЗ ЛИЦЕНЦА И СО ЗАШТИТА ОД ПОЛИЦИЈА И ИНСПЕКТОРИПолициски началници, инспектори и вработени во секторот економиј праќале дојави за контроли во кочанската дискотека „Пулс”. (Фото: СДК.МК)

    По минатонеделната презентација на СМС-пораки и вибер- комуникации со полициски началници, инспектори и вработени во секторот економија кои праќале дојави за контроли во кочанската дискотека „Пулс”, денеска на судењето за пожарот со 63 загинати и над 200 повредени обвинителството продолжи да презентира екстрахирани податоци од мобилни телефони на обвинетите.

    „Ќе има контрола, спремни да сте”, „Биди исправен, ќе има контрола”, дојавуваат обвинети инспектори, не само на Дејан Јованов, туку и на газди на угостителски објекти во Штип, Кочани и други места.

    Во разговорите што набрзина се прелистуваа на видеобим и кои не се коментираа од предлагачот, обвинителството, имаше и приватни комуникации на возрасни обвинети во врска со „Пулс”, каде зборат за „млади момички”, но обвинителот Владо Милошевски рече дека приватните разговори не се релевантни за обвинението.

    Обвинителството на минатото рочиште презентираше докази од екстракција и анализа на телефонската комуникација од мобилните телефони на првообвинетиот Дејан Јованов и неговиот син, обвинетиот Михајло Јованов.

    Во судницата се читаа пораки со контакти како што биле запишани во телефонот: Началничка Марија, Цеце, Тодор Јованов, Весна Инспекторка приватен, Лазе Ж’ти, Ацо командант, Магдалена Лиценца, Вики економија и Благица Диско.

    Исто како во денешните пораки, така и во тие на претходното рочиште, сопственикот газда Деко бил уредно потсетуван и предупредуван за контроли во преполнетото диско „Пулс” со една врата за излез.

    Речиси во сите мобилни телефони на обвинетите има поврзаност со пожарот, односно манифестирање корупција и сервилно однесување на инспекорите кон „Дејан Пулс”, па се чини дека оттука тргнале насоките на Обвинителството да најде и обвини дури 35, односно сега веќе 34 обвинети, откако еден од нив (Љупчо Грнчиштанов) неодамна почина.

    Екстракција од мобилниот телефон на обвинетиот Јане Јанчевски од „Рубикон“ не било можно да се изврши, поради видот на телефонскиот апарат „Самсунг Џорџо Армани“.

    Следуваа разговори и пораки од телефоните на Љупчо Папазов, Ратко Димитровски и Николчо Илијев. Но, освен за првиот, за телефоните на другите двајца уште траело вештачењето во МВР.

    Од телефонот пак на обвинетиот Беким Хаџиу, кој се допишува со обвинетата Размена Чекиќ Дуровиќ, двајцата од Министерството за економија, се виде дека констатираат оти „Пулс” нема лиценца уште од 13.03. 2023 година.

    Против обвинетиот Александар Нацев, кој негира дека е газда на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, обвинителството презентираше докази за сопственоста, за тендери, правилник за облеката, потоа повеќе фактури и други документи. На сите беше потпишен Јане Јанчески.

    Во разговор меѓу Нацев и Мартин Атанасов – Буцо, едниот прашува кои фирми да ги впише, дали и диското да го впише.
    Беше прикажана серија разговори меѓу нив, но обвинителот многу брзо ги листаше и не ги коментираше.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира