ПРИВАТНИ ФИРМИ СПРОВЕДУВААТ ДРЖАВНИ ТЕНДЕРИ, НИКОЈ НЕ ИСТРАЖУВА КОРУПЦИЈА

    ПРИВАТНИ ФИРМИ СПРОВЕДУВААТ ДРЖАВНИ ТЕНДЕРИ, НИКОЈ НЕ ИСТРАЖУВА КОРУПЦИЈАДодека се бараше слободен кревет и кислородна поддршка, а медицинскиот персонал се газеше од работа, некој некој мислел како да ќари од набавките, па уште и преку надворешни „консултанти“ кои никој не знае како се избираат (Фото: СДК.МК)

    Додека се бараше слободен кревет, лек, кислородна поддршка, умираа по десетици граѓани дневно од ковид, и додека лекарите и цел медицински персонал работеа деноноќно под маски и скафандери, некој мислел на тоа како да ќари од набавките на заштитни маски, реагенси, опрема, а патем и да купува луксузни возила, открива Извештајот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за јавните набавки во втората половина на 2021 година, кога пандемијата беше најсилна.

    Но, сомнежите за корупција не завршуваат само со откритијата дека исти материјали и реагенси во исто време во различни државни институции се набавувале со разлика во цените и до 500 проценти. Центарот за граѓански комуникации открива дека законот се кршел и во однос на тоа кој ги спроведувал големиот дел од тие тендери.

    Спротивно на законите, државните институции ангажираат надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки место тендерите да ги спроведуваат правните служби и сектори, т. е. вработените кои за тоа земаат плата во тие институции, открива оваа невладина организација.

    Центарот за граѓански комуникации, анализирајќи десетици спроведени тендери за време на пандемијата со коронавирус, ја воочил оваа забранета работа кај многу од нив. Предупредува дека ваквото незауздано однесување носи ризици од судир на интереси и корупција при таквите јавни набавки, спроведени не од вработените во правните одделенија, туку од извесни надворешни лица и фирми.

    „И набавките за ковид-19 се зафатени од најновиот тренд во јавните набавки во земјава – да се ангажираат надворешни лица при спроведувањето на постапките за јавни набавки. Но, овие лица не се ангажираат како стручна помош за изработка на техничките спецификации за предметите на набавка, туку за да ги спроведуваат постапките за јавни набавки“, е посебна точка во Извештајот за набавките од страна на државни институции во втората половина на 2021 година, кога пандемијата беснееше.

    Иако оваа практика е станата многу популарна, надлежните за откривање на корупција во јавните набавки – Финансиската полиција и МВР стојат настрана и  досега не откриле буквално ништо.

    Ваквата практика е крајно спорна, а често се применува во државните институции. Никој не може да гарантира дека тие надворешни лица кои управуваат со тендерската документација со јавни пари не се договараат со фирмите што треба да го добијат бизнисот и го местат целиот процес. Особено што не е јасно ни како институциите ги избираат овие „консултантски“ фирми. 

    Не е јасно како институциите ги избираат овие лица или фирми – според кои критериуми, во каква постапка и слично. Само многу мал број институции за ова имаат посебни тендери, односно надворешните фирми ги избираат преку постапка за јавна набавка. Присутен е ризик од судир на интереси и непреземање мерки за негово решавање. Во ниту еден случај не постојат документи дека надворешно ангажираните лица или фирми потпишуваат изјави за  судир на интереси, на што се обврзани вработените лица кои ги спроведуваат јавните набавки во една институција“, алармира Центарот во објавениот извештај.

    Страшно е што од мониторираните тендери што се спроведени со помош на надворешни лица или фирми не може да се види никакво посебно позитивно влијание во начинот на којшто се спроведени тендерите или, пак, во нивниот исход. Што значи, државните органи и локалната самоуправа фрлаат пари за правници однадвор да им ги спроведат тендерите од некоја друга, мистериозна полза.

    Законот бара дека за административно-технички работи како што се јавните набавки, органот мора да има формирано одделение, или да определи лице за спроведување јавни набавки.

    Во сегашната практика не само што постојат високи ризици од судир на интереси и корупција, туку се доведува до прашање и спроведувањето на Законот за јавни набавки. Тој целосно почива и го регулира спроведување на набавките од лица, органи и тела во самите институции.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира