ПРИВЕДЕНИ СЕ ТИЕ ШТО ТРЕБА, НЕ МОЖЕ НИКОЈ ДА ИЗБЕГА, ИСТРАГАТА ЌЕ БИДЕ БРЗА, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ КОЦЕВСКИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 51 ЖРТВА

    ПРИВЕДЕНИ СЕ ТИЕ ШТО ТРЕБА, НЕ МОЖЕ НИКОЈ ДА ИЗБЕГА, ИСТРАГАТА ЌЕ БИДЕ БРЗА, КАЖА ОБВИНИТЕЛОТ КОЦЕВСКИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 51 ЖРТВАНа прашањата кој ја дал дозволата за работа на импровизираната дискотека, Коцевски најави првични информации по завршување на увидот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Државниот обвинител Љупчо Коцевски кажа дека се врши распит на приведени лица во врска со организацијата на концертот  на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој ноќеска околу 3 часот во пожар загина 51 лица на возраст од 14-25 години, а 152 се повредени од кои 18 се во критична состојба. Загинатите се од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип.

    На бројните новинарски прашања – колку луѓе имало на ноќешниот концерт на групата ДНК, а колкав бил капацитетот на куќата во која се одржуваше, потоа дали имало противпожарни апарати, соодветен број за евакуација при итна состојба, на прашањата кој ја дал дозволата за работа на импровизираната дискотека – Коцевски најави првични информации по завршување на увидот.

    Увидот на местото на трагедијата го вршат тројца обвинители, а двајца работат со приведените лица. Коцевски кажа дека издаваат наредби за собирање докази и за многу други процесни дејствија.

    На новинарско прашање за опасност од бегство на можните виновни лица за големата несреќа, Коцевски одговори дека и во тој поглед се преземени мерки тоа да не се случи.

    Коцевски не кажа колкумина се приведени и распрашани, не го кажа ниту нивниот идентитет, го остави тоа да биде споделено од обвинителите кои заедно со МВР ја водат предистрагата, кога ќе имаат сигурни и точни први сознанија.

    „Ќе ги ставиме на располагање сите капацитети на Обвинителството. Ќе ги ангажираме сите вештаци, ќе се истражи чија е одговорноста за трагедијата. Се бара вертикална и хоризонтална одговорност. Увидот нема рок, ќе трае додека не заврши“, кажа државниот обвинител.

    Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез. Таа е во улица со густо наредени куќи. Според првичните информации, како што кажа соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.

    На прашањето дали дискотеката има дозвола и кој дозволил да има дискотека во куќа која е со решетки на прозорите и е веднаш до други куќи, Тошковски рече дека веќе има приведено лица во врска со пожарот и ќе се утврди одговорност. Не кажа колкумина се приведени, но дека вети дека одговорност ќе има со име и презиме.

    Министерството за здравство објави телефонски броеви на кои семејствата може да добијат информации за состојбата на хоспитализираните лица по пожарот. Ова се телефонските броеви:

    Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“ – 071226764

    Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје- 070387115

    Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 075203026

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира