ПУШАТ 13, 6 ОТСТО ОД УЧЕНИЦИТЕ ОД СЕДМО ДО ДЕВЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИЈЗ И СЗО

    ПУШАТ 13, 6 ОТСТО ОД УЧЕНИЦИТЕ ОД СЕДМО ДО ДЕВЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ, ВЕЛИ НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИЈЗ И СЗОИстражувањето е спроведено кај ученици на возраст од 13 до 15 години, со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО), во првата фаза на истражувањето биле избрани 75 училишта и биле опфатени 4.670 ученици. (Фото: К. Попов)

    Вкупно 13,6 отсто од ученици од седмо до деветто одделение, најчесто од 13 до 15 години, користат некој тутунски производ, покажa истражувањето спроведено во 75 училишта во државата во 2024, рече д-р Сања Прошева од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.

    „Вкупно 12,3 проценти моментално користат тутун. Вкупно 5,3 проценти моментно пушат цигари. Вкупно 4,9 проценти од учениците моментално користат тутунски производи што се загреваат (5,1 отсто момчиња и 4,4 проценти девојчиња). Вкупно 3,6 отсто моментно користат тутун што не се пуши. Од учениците, девет проценти моментално користат електронски цигари – 8,2 отсто момчиња и 9,6 проценти девојчиња. Од сегашните пушачи, 66,1 отсто се обиделе да се откажат од пушење изминативе 12 месеци. Да престанат со пушење сега сакаат 56,5 проценти“, рече д-р Прошева.

    Според клучните наоди од извештајот презентирани денеска, пушењето во училишните простори, како што се наведува, и понатаму претставува загриженост. Во 2024 година, 45,1 отсто од учениците виделе некого како пуши во училишните згради или на училишниот имот.

    Министерот за здравство Азир Алиу додаде дека истражувањето е спроведено кај ученици на возраст од 13 до 15 години, со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО), во првата фаза на истражувањето биле избрани 75 училишта и биле опфатени 4.670 ученици.

    „Истражувањето е дел од глобалниот систем за надзор на тутунот и претставува национално репрезентативно истражување што четврти пат се спроведува во училиштата во нашата држава. Податоците од истражувањето покажуваат дека 13,6 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години моментно користат некаков тутунски производ и тоа е највисока преваленција досега регистрирана“, кажа министерот.

    Вкупно девет отсто од нив користат електронски цигари, а според податоците што ги сподели министерот, тоа е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година.

    „Загрижувачки се податоците дека дури 57 отсто од младите биле изложени на тутунски чад во домот, а 55,4 проценти биле изложени на чад во затворени јавни простори. Во однос на достапноста на тутунските производи, ова истражување покажува дека 73,2 отсто од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст. Она што е важно за нас како креатори на здравствените политики е дека огромен дел од испитаните ученици ја поддржуваат мерката за забрана за пушење во затворени јавни простори. Вкупно 86,9 проценти од испитаниците ја поддржуваат оваа мерка“, кажа Алиу.

    Новиот Закон за заштита од пушење првично беше најавен дека ќе почне да се применува од 1 март, но како што изјави министерот Алиу на 24 февруари, прифатиле да се одложи примената на измената која бара терасите да бидат од три страни, а сега се затворени, зашто на кафеанџиите им треба време за да може инфраструктурно да се прилагодат кон Законот.

    Како што  изјавија на 23 февруари од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК: „Министерството интензивно работи на анализа и разгледување на пристигнатите предлози и забелешки во однос на предлог-законот за заштита од пушење. Нашата цел е тој да биде финализиран и доставен до Владата во текот на неделава, по што ќе следи натамошната процедура согласно деловничките и законските рокови. Сите детали поврзани со стапувањето во сила и начинот на спроведување ќе бидат јавно и прецизно објавени во моментот кога законот ќе биде финализиран и усвоен во соодветна владина постапка“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира