Девет членови на Судскиот совет вчера го разрешиле апелациониот судија Енвер Беџети, кој од декември лани е на црната листа на американскиот Стејт департментот на корумпирани функционери, непожелни за влез во САД. Беџети од март годинава не доаѓаше да даде исказ пред комисијата по повод отворената постапка за разрешување и поставањето на црната листа, кажувал дека е болен.
Оновното јавното обвинителство (ОЈО) на Скопје води постапка против судијата Беџети, се испитуваат коруптивни дела од негова страна (така како што беше наведено во описот за него во одлуката на САД), и за трговија со влијанија. Од ОЈО за САКАМДАКАЖАМ.МК рекоа дека е прибавена потребната документација, се испитуваат и членови на дисциплинската комисија кои работеле на првата претставка против него за држењето предмети во фиока, кога Беџети помина само со парична казна.
Во јануари 2023 комисијата на Судскиот совет заклучи дека Беџети намерно го чувал во фиока случајот на Сашо Мијалков за да застари и со тоа го повредил законот, а во ноември 2023 за тоа го казни со 20 отсто од плата.
Откако во Судскиот совет вчера се изземале подносителот на иницијативата за одговорност и тројцата членови на комисијата, минус претседателот на Врховниот суд и министерот за правда кои немаат право на глас, останале девет судии кои го разрешиле Беџети.
Беџети беше фатен како чува во фиока судски предмети повеќе месеци, за да застарат. Меѓу нив беа „Тврдина-таргет“, предметот против Сашо Мијалков и други, за незаконското масовно прислушување (чуван 9 месеци) и предметот „Транспортер“ со поранешниот битолски градоначалник Талески (чуван над две години), овозможувајќи му за ова време да си зема плата како глумец, иако во куќен притвор.
Овој судија со години беше заштитен во Судскиот совет од своите сонародници на чело со членот Селим Адеми. Не само што не дозволи да се разрешува по сомневања за нестручно и несовесно работење и корупција, туку под водство на Адеми, во април 2023 веше извршен пуч во Судскиот совет со кој насилно беше сменета претседателката Весна Дамева која сакаше да го стави Енвер Беџети на дневен ред на седница.
Поради скандалот со незаконската смена, двајца членови од Судскиот совет од редот на судиите си дадоа оставки. Дамева поднесе тужба и по неколку месеци Управниот суд ја врати на претседателското место, а Адеми не одговараше поради кршење на законите.
Во меѓувреме, Беџети беше казнет само парично и продолжи да суди во Апелациониот суд Скопје. Се пријави и на оглас за Врховниот суд, но поради тоа што не го бираа, за одмазда неговите заштитувачи не изгласуваа никого од судиите кривичари-Македонци, пријавени за Врховниот суд кој има недостиг на судии веќе со години.
Хронолошки наназад, Судскиот совет немаше никогаш ни да отиде во контрола кај судијата Енвер Беџети, ако не беа секојдневните јавувања на новинатите во Апелациониот суд Скопје и во Судскиот совет за тоа што се случува со коруптивните предмети што овој судија-известител никако не ги вади на седница.
С. К. ДЕЛЕВСКА