САД ВЛЕГОА ВО ВОЈНАТА ПРОТИВ ИРАН, ТЕХЕРАН ВЕТИ ОДМАЗДА

    САД ВЛЕГОА ВО ВОЈНАТА ПРОТИВ ИРАН, ТЕХЕРАН ВЕТИ ОДМАЗДА„Нападите беа спектакуларен воен успех“, рече Трамп во телевизиско обраќање. „Клучните нуклеарни постројки за збогатување ураниум на Иран се целосно и тотално уништени“. (Фото: АП)

    Американските сили ги нападнаа трите главни нуклеарни постројки на Иран, изјави претседателот Доналд Трамп доцна синоќа, и го предупреди Техеран дека ќе се соочи со уште поразорни напади ако не се согласи на мир. По неколкудневно размислување и многу пред неговиот самонаметнат рок од две недели, одлуката на Трамп да се придружи на воената кампања на Израел против неговиот главен ривал Иран е голема ескалација на конфликтот и ризикува да отвори нова ера на нестабилност на Блискиот Исток.

    „Нападите беа спектакуларен воен успех“, рече Трамп во телевизиско обраќање од Белата куќа. „Клучните нуклеарни постројки за збогатување ураниум на Иран се целосно и тотално уништени“.

    Во говорот што траеше нешто повеќе од три минути, Трамп рече дека иднината на Иран е „или мир или трагедија“ и дека има многу други цели што би можеле да бидат погодени од американската војска.

    „Ако мирот не дојде брзо, ние ќе се упатиме кон тие други цели со прецизност, брзина и вештина“.

    САД вчера дипломатски се обратија до Иран за да кажат дека нападите се единствените планови на САД и дека тие не се насочени кон промена на режимот, објави „Си-Би-Ес њуз“.

    Трамп рече дека американските сили ги нападнале трите главни нуклеарни постројки на Иран: Натанц, Исфахан и Фордо. Тој во емисијата на Шон Ханити на „Фокс њуз“ изјави дека шест бомби за уништување бункери биле фрлени врз Фордо, додека 30 ракети „томахавк“ биле испукани врз други нуклеарни постројки.

    Амбасадорот на Иран во Обединетите нации побара итен состанок на Советот за безбедност поради како што рече „гнасните напади и нелегална употреба на сила“ од САД против Иран. Во писмо, до кое дојде АП, амбасадорот Амир Саид Иравани, рече дека најмоќното тело на ОН мора да ги „преземе сите потребни мерки“ за да ги повика САД на одговорност.

    „Исламската Република Иран ги осудува и отфрла на најсилен можен начин овие неиспровоцирани и однапред смислени акти на агресија, кои следеа по големиот воен напад спроведен од израелскиот режим на 13 јуни против мирните нуклеарни постројки и објекти на Иран“, се вели во писмото.

    Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, на Икс рече дека Техеран „ги задржува сите опции“ за одмазда. Тој е првиот висок функционер кој коментира за нападите врз Исфахан, Фордо и Натанц од САД.

    „Настаните утрово се скандалозни и ќе имаат трајни последици“, напиша Арагчи.

    Не е јасно дали САД ќе продолжат да го напаѓаат Иран заедно со својот сојузник Израел, кој девет дена војува со Иран. Трамп дејствуваше без одобрение од Конгресот и предупреди дека ќе има дополнителни напади ако Техеран возврати на американските сили.

    По американскиот напад, изутринава ирански ракети погодија делови на северен и централен Израел.

    Американски бомбардери „Б-2“ беа вклучени во нападите, изјави американски функционер за Ројтерс, зборувајќи под услов да остане анонимен.

    „Целосен товар БОМБИ беше фрлен врз примарната локација, Фордо“, објави Трамп на неговата социјална мрежа „Трут соушал“. „Фордо е исчезнат“. „Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор“. Трамп додаде во подоцнежна објава: „Ова е ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ, ИЗРАЕЛ И СВЕТОТ. ИРАН СЕГА МОРА ДА СЕ СОГЛАСИ ДА СЕ ЗАВРШИ ОВАА ВОЈНА. ВИ БЛАГОДАРИМЕ!“

    Ројтерс претходно вчера објави за движењето на бомбардери „Б-2“, кои можат да бидат опремени за носење масивни бомби за кои експертите велат дека би биле потребни за да се нападне Фордо, кој е закопан под планина јужно од Техеран. Со оглед на неговото утврдување, веројатно ќе поминат денови, ако не и подолго, пред да се знае влијанието на нападите.

    Ирански функционер, цитиран од новинската агенција Тасним, потврди дека дел од локацијата Фордо бил нападнат од „непријателски воздушни напади“. Сепак, Мохамед Манан Раиси, пратеник од Ком, во близина на Фордо, изјави за полуофицијалната новинска агенција Фарс дека објектот не е сериозно оштетен.

    Иранските медиуми го цитираа нуклеарното тело на Иран кое изјави дека нема знаци на контаминација по нападите и дека нема опасност за жителите што живеат во близина.

    Хасан Абедини, заменик-политички раководител на иранската државна телевизија, изјави дека Иран ги евакуирал трите локации пред некое време.

    „Резервите на збогатен ураниум се префрлени од нуклеарните центри и таму не останале никакви материјали кои, доколку бидат цел, би предизвикале зрачење и би биле штетни за нашите сонародници“, изјави тој за телевизијата.

    Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му честиташе на Трамп за неговата „смела одлука“.

    „Историјата ќе забележи дека претседателот Трамп дејствуваше за да го негира најопасниот режим во светот, најопасното оружје во светот“, рече Нетанјаху.

    Нападите се случија во време кога Израел и Иран повеќе девет дена се во воздушни борби што резултираа со смртни случаи и повреди во двете земји. Израел ги започна нападите врз Иран велејќи дека сака да отстрани каква било можност Техеран да развие нуклеарно оружје. Иран вели дека неговата нуклеарна програма е само за мирнодопски цели.
    Дипломатските напори на западните земји да ги запрат непријателствата досега не успеаја. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги нарече нападите на САД „опасна ескалација во регион кој е веќе на работ – и директна закана за меѓународниот мир и безбедност“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира