Главна забелешка на Бугарија за Акцискиот план за малцинствата е македонскиот јазик, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Освен Бугарија, ниедна друга членка на ЕУ немала забелешки за овој документ.
Според Мицкоски, ова уште еднаш покажува дека проблемите со Бугарија се многу подлабоки и дека немаат врска со исполнувањето на Копенхагенските критериуми за членство во ЕУ.
„Досега бевме воздржани бидејќи сето она за што ги предупредивме нашите партнери во Брисел се случи. А, ние ги предупредивме дека да го направиме и најдобриот акциски план за малцинствата, тој ќе биде одбиен од страна на бугарските власти. И тоа се случи“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека Брисел сугерирал Акцискиот план да биде направен со вклучување на најдобрите експерти од Советот на Европа и да се постапи како што ќе сугерираат тие, а потоа добиле уверување дека било нивна работа како тоа ќе го решат со Бугарија. Мицкоски кажа дека во изготвувањето на овој Акциски план учествувала експертка од Италија. Потоа било сугерирано Акцискиот план прво да се испрати во Бугарија ден однапред, со што би се покажала добра волја.
„Така направивме, го дадовме ден однапред. Е, сега им пречело што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик, јас не можам како претседател на Влада, ниту пак министерот, да го крши Уставот. Нивните барања имаат многу подлабоки корења и многу подлабоки се проблемите. Уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосема поинаква. Жалам уште еднаш што ја испуштија шансата да покажат дека се добри соседи. Ниту една земја-членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија, бидејќи имаше и јавна дебата, нема против. Проблем било што било на македонски јазик. Ако некому тоа му пречи, јас тука не можам да помогнам и жалам што е тоа така“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека во моментов нема контакти на релацијата Скопје-Софија ниту на билатерално ниво, ниту со посредство на Брисел, за што ја обвини бугарската страна, која одбила иницијативи за неколку средби предложени од Брисел, Париз и Берлин, додавајќи дека македонската Влада стои на располагање за вакви средби.



