СЕ БАРА НОВ ИЗВЕДУВАЧ ЗА ДА ЈА ДОВРШИ БАРОКНАТА ЗГРАДА НА НАРОДНА БАНКА КОЈА СЕ ГРАДИ 10 ГОДИНИ И ПОТРОШИ 15 МИЛИОНИ ЕВРА

    СЕ БАРА НОВ ИЗВЕДУВАЧ ЗА ДА ЈА ДОВРШИ БАРОКНАТА ЗГРАДА НА НАРОДНА БАНКА КОЈА СЕ ГРАДИ 10 ГОДИНИ И ПОТРОШИ 15 МИЛИОНИ ЕВРАДосега изведени се над 60 отсто од градежните работи предвидени со основниот договор. (Фото: СДК.МК)

    Ќе се доврши новата барокна зграда на Народна банка во центарот на Скопје која почна да се гради пред 10 години, а работите беа стопирани пред 5 години и објектот зјае во фаза на карабина. Досега се потрошени 15 милиони евра за изградба на објектот, кој се наоѓа веднаш до Министерството за надворешни работи (МНР).

    Од Народна банка велат дека во тек е тендерска постапка за избор на изведувач.

    „Постапката за јавна набавка за довршување на изградбата на новиот објект на Народната банка сè уште е во тек и се наоѓа во завршна фаза, односно во фаза на евалуација на пристигнатите понуди. По завршувањето на постапката и изборот на најповолен понудувач, ќе се пристапи кон склучување договор со избраниот економски оператор, согласно спроведената постапка“, ни одговорија од Народна банка.

    Завршена е тендерската постапка за избор на надзорот. Избрана е фирмата „Студио Атриум“ од Штип, а вредноста на договорот е 107.000 евра.

    Новата зграда на Народна банка почна да се гради во 2016, како дел од проектот „Скопје 2014“. Според договорот склучен тогаш со „Бетон“, изградбата треба да чини 23 милиони евра. Досега, како што објаснуваат од Народна банка, изведени се над 60 отсто од градежните работи предвидени со основниот договор, односно на „Бетон“ му се исплатени 15 милиони евра. Во јули 2022 договорот со „Бетон“ беше раскинат бидејќи зградата не се градеше.

    „По раскинувањето на договорот за градба во јули 2022 година, Народната банка ги презеде сите неопходни чекори за заштита на имотот на банката, како и за утврдување на можностите за завршување на градбата во блиска иднина“, додаваат од Народна банка.

    Зградата треба да има осум ката, на врвот ќе има купола, барокна фасада, а на влезот антички столбови, какви што имаат сите згради од проектот „Скопје 2014“ за чија изграда владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши 700 милиони евра. Aвтори на идејното решение за изгледот на зградата се Никола Стакинов и Лазар Димов. Тие се автори и на идејните решенија за барокни фасади на Министерството за правда, „Пелагонија“ и зграда на АД ЕСМ.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира