СИНДИКАТОТ СО ПРОТЕСТ ИМ ГИ БЛОКИРАШЕ ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ КОИ „НАПЛАЌААТ КАКО ЗА ПОТРОШЕН КЕРОЗИН“ И ГИ ПОЗДРАВИ ШТО ДОЈДОА РАНО НА РАБОТА

    СИНДИКАТОТ СО ПРОТЕСТ ИМ ГИ БЛОКИРАШЕ ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ КОИ „НАПЛАЌААТ КАКО ЗА ПОТРОШЕН КЕРОЗИН“ И ГИ ПОЗДРАВИ ШТО ДОЈДОА РАНО НА РАБОТАРаботниците особено се лутат на народните избраници зашто две години го блокираат предлогот од ССМ за зголемување на минималната плата и на сите други плати. (Фото: К. Попов)

    Од девет часот утринава, двата влеза за коли во Собранието беа блокирани од членовите на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), за да не можат пратениците да земат патни трошоци за кои, според претседателот на Синдикатот Слободан Трендафилов, наплаќаат како да трошат керозин. Работниците особено се лутат на народните избраници зашто две години го блокираат предлогот од ССМ за зголемување на работничките плати, односно за зголемување на минималната плата и на сите други плати.

    Работниците бараат минималец од 600 евра и покачување на останатите плати за 6.000 денари. Блокадите следуваат и покрај договорот на Владата со дел од синдикатите со кој над 10.000 административци ќе потпишат индивидуални договори за процентуално зголемување на платите секоја година.

    Овој протест е само почетокот на активностите, кои според најавата на потпретседателот на ССМ за приватен сектор, Иван Пешевски,  продолжуваат на 12 февруари пред Стопанската комора на Македонија, а на 17 февруари,  вторник, кога се одржуваат редовните владини седници, ќе бидат блокирани улиците околу Владата.

    Денеска, Сојузот на синдикатите со по 21 човек ги блокираше собраниската гаража и широкиот влез пред Собранието. Евидентно беше дека на паркингот пред законодавниот дом отсуствуваа скапите возила на пратениците,  имаше само мали и половни коли. Од собраниски извори дознавме дека пратениците дошле пред 9ч, пред да почне протестот.

    Претседателот на ССМ Трендафилов изјави дека ова можеби е прв пат кога пратениците дошле на своите работни места пред 8 часот во нивната пратеничка кариера. Тој кажа дека денешниот протест е за да им покаже на пратениците оти нечовечки се однесуваат кон работниците, особено по изјавите деновиве каде жестоко ги бранат своите функционерски плати.

    Трендафилов најави дека ако условите не бидат исполнети, ќе соберат 10.000 потписи и на тој начин работниците ќе станат овластен предлагач со што ќе ги намалат пратеничките и функционерските плати.

    „Ќе побараме од претседателот на Собранието да нè информира кој пратеник денеска ќе наплати 100, 150 или 200 евра само за доаѓање на работа“, додаде Трендафилов.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира