СКОПЈЕ ОСТАНА БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ, А НА СЕДНИЦАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА И СОВЕТНИЦИТЕ ОД СИТЕ ПАРТИИ СЕ КАРАА ЗА ТОА КОЈ Е КРИМИНАЛЕЦ И КРИВ ШТО ЈСП Е БАНКРОТ

    СКОПЈЕ ОСТАНА БЕЗ ЈАВЕН ПРЕВОЗ, А НА СЕДНИЦАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА И СОВЕТНИЦИТЕ ОД СИТЕ ПАРТИИ СЕ КАРАА ЗА ТОА КОЈ Е КРИМИНАЛЕЦ И КРИВ ШТО ЈСП Е БАНКРОТЗа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, нивната кандидатка Данела Арсовска е неспособна градоначалничка и е во коалиција до СДСМ и ДУИ. (Фото: К. Попов)

    Во кавги кој е крив, односно дека другата партија е крива за состојбата на ЈСП „Скопје“ поради која вработените немаат плати и Скопје денеска немаше јавен превоз, помина седницата на Советот на градот за решавање на проблемот. За советниците од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска е неспособна градоначалничка и е во коалиција до СДСМ и ДУИ, а тие се криви што за состојбата во која се наоѓа ЈСП. Од СДСМ рекоа дека ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска, која е нивна кандидатка, се криви за катаклизмата која му се случува на Скопје кое за првпат во историјата нема јавен превоз.

    Арсовска од говорницата пак го спомнуваше, како што го нарече шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски, и рече дека само се шетал и отворал чешми и тротоари со вмровските градоначалници.

    „Нема да ви го шетам шпицниот градоначалник, кој секој ден сече ленти за отворање на чешми. Ако сакал да биде градоначалник, што не се кандидирал? Вашиот директор (Игор) Јанушев (директор на ЈСП во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ – н. з.), еве го овде на слика, склучил штетен договор со Маратон со кој за да бидат налепени автобусите со реклами ЈСП добива 7.000 денари, а фирмата 2.000 евра. Е такви штетни договори вашите луѓе склучувале и директно сте одговорни за загубите на ЈСП“, рече Арсовска.

    Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ѝ рекоа на Арсовска дека таа треба да се погледне во огледало затоа што не може сите да бидат виновни само таа да е во право, кога сега за првпат Скопје нема јавен превоз.

    Арсовска од говорницата му се обрати и на претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славевски, и рече дека изминатава година не чула од него ниту еден конструктивен предлог, туку само каков скап телефон и службена кола сакал.
    Славевски кажа дека Арсовска му поставила нов систем за водење на седниците за да не може да ја исклучува кога зборува, а дека за нејзината изјава оти барал скапа службена кола ќе ја тужи.

    Вонредната седница на Советот се одржува по барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која бара да се пренаменат средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“, а од синдикатот на вработените во ЈСП се надеваат дека на оваа седница ќе се најде решение за исплата на нивните плати.

    Вработените во ЈСП Скопје најавија дека утре сабајле со семејствата ќе протестираат пред централата на јавното претпријатие ако денеска не им биде исплатена септемвриската плата. Како виновници за неисплатената плата, тие ги посочија скопската градоначалничка Данела Арсовска и директорот на ЈСП Александар Стојковски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира