Сончарка, наречена уште риба жолтица поради златните нијанси, за која се претпоставува дека во Европа е донесена како аквариумска риба, нанесува штети врз биодиверзитетот и ја нарушува природната рамнотежа во Преспанското Езеро. Оваа алохтона риба, која не припаѓа на биолошкиот свет во Преспанското Езеро, се смета за агресивен вид кој ја загрозува автохтоната преспанска риба.
Преку програмата „ЕУ за Преспа“, финансирана од Европската Унија, а имплементирана од УНДП, се преземаат мерки за намалување на влијанието на инвазивните алохтони видови риби во Преспанското Езеро. Тоа се постигнува преку подигнување на јавната свест, спроведување селективни и научно базирани методи за нивно отстранување, зајакнување на системите за мониторинг и промовирање одржливи механизми за управување.
Во контролата на овие инвазивни риби вклучен е Хидробиолошкиот институт од Охрид.
„Сконцентрирани сме на сончарката, но тука се и платицата и други видови риби што ќе се детектираат во нашите истражувања, а кои соодветно ќе бидат третирани и ловени. Зависно од нивните животни карактеристики, дојде до нарушување на животниот циклус на другите видови риби. Некои од нив се поголеми предатори од рибите кои се автохтони за езерото, па ги заземаат низите на нивната исхрана. Се натпреваруваат за храна и живеалишта и го нарушуваат природниот баланс во Преспанското Езеро“, изјави Орхидеја Тасевска, докторка по биолошки науки и директорка на Хидробиолошкиот институт од Охрид.
Нивното отстранување нема да значи ловење и фрлање на брегот на езерото како отпад, туку со помош на компанија ќе се изнајдат нови начини и методи за преработка, компостираење, производство на биогас и друго.
„Ова се туѓи видови риба, алохтони, намерно пуштени од страна на човекот или донесени преку други патишта, со пловни објекти. Се случувало во некои природни езера и акумулации и намерно да се пуштаат аквариумски видови риби“, додава Тасевска.
Активностите кои се спроведуваат опфаќаат изработка на едукативни материјали и состаноци со засегнати страни, рибари и ученици. Селективните риболовни операции, базирани на електрориболов и методи со мрежи (beach seine), се планирани како клучна интервенција за отстранување на инвазивните видови, со минимално влијание врз автохтоните видови, поддржани со континуиран научен мониторинг и институционална координација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



