Собранието со 101 глас „за“ ја изгласа техничката влада која треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори на 12 април. Преодната влада ќе ја предводи Оливер Спасовски, кој откако премиерот Зоран Заев си поднесе оставка, попладнево го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски да ја формира новата влада.
Техничкиот премиер Спасовски од собраниската говорница откако ги кажа имињата на министрите порача дека врвен приоритет на овој владин состав ќе биде обезбедување на фер и демократски избори.
„Силен предизвик е да ја предводам оваа влада која ќе обезбеди континуитет во работата, НАТО и ЕУ интеграциите. Денес имаме држава која набргу ќе застане рамо до рамо со членките на НАТО. Ни претстои и пат кон ЕУ, за завршување на реформите, но важен чекор пред прагот на ЕУ е организирањето на фер избори. Сакам да ѝ порачам на опозицијата дека одговорноста за спроведување на фер и демократски избори сега подеднакво е и ваша. Имаме одговорност да спроведеме избори како што и доликуваат на европска Македонија“, рече Спасовски.
Координаторот на СДСМ Јован Митрески кажа дека условите во кои се формира техничка влада сега се многу поинакви од оние пред 4 години.
„Тогаш бевме заробена и изолирана држава, со режим кој држеше се под контрола, кога беа прислушувани илјадници граѓани. Сега државата е слободна, на еден чекор до НАТО, држава која очекува да ги отвори пристапните преговори со ЕУ, кога се затворени сите прашања со соседите“, рече Митрески.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски кажа дека досегашната влада предводена од СДСМ ништо не направила и единствено по што е препознатлива е рекетот и тендери.
„Правиот пат по кој што одевте е пат на рекет, тендери, широкораспространета дрога, нарачани судски постапки, уцени на политички неистомисленици и разрешени седум уредници на медиуми. Единствено што направи оваа влада е што ги напушти националните позиции во однос на името и идентитетот“ рече Димовски.
Во техничката влада, министер за внатрешни работи на предлог на опозицијата е Наќе Чулев, а Рашела Мизрахи, исто така, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ го презема министерството за труд и социјала. Досегашната министерка за труд и социјала Мила Царовска во оваа техничка влада ќе биде вицепремиер за економски прашања.
Предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април. Собранието ќе се распушти 60 дена пред избори односно на 11 февруари.
Во 18 часот во Собранието треба да бидат избрани и дополнителните заменици министри.
А. АНТЕВСКА