СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ГО ИСПОФАЛИ ИСЛАМ АБАЗИ, А НА ЗАТВОРЕНА СЕДНИЦА РАСПРАВАЛ ЗА ЛОШАТА СОСТОЈБА ВО ГОСТИВАРСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ШТО ГО МЕНАЏИРАЛ

    СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ГО ИСПОФАЛИ ИСЛАМ АБАЗИ, А НА ЗАТВОРЕНА СЕДНИЦА РАСПРАВАЛ ЗА ЛОШАТА СОСТОЈБА ВО ГОСТИВАРСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ШТО ГО МЕНАЏИРАЛНовоизбраниот шеф на ОЈО за организиран криминал Ислам Абази се пофали дека е во работна група за конфискација на имот, а Советот на една од претходните седници кажа дека ВЈО Гостивар со кое тој менаџираше, нема побарано една конфискација на имот. (Фото:К.Попов)

    Новоизбраниот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази на функцијата на која официјално стапи денес, доаѓа по критики од Советот на јавни обвинители дека додека раководел со Вишото јавно обвинителство Гостивар, немало ниту едно барање за конфискација на имот стекнат од криминал.

    Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК во јуни детали од Записник, Советот на јавни обвинители на посебна седница расправал за лошата состојба во Вишото јавно обвинителство Гостивар со кое раководеше вишиот јавен обвинител Ислам Абази. Меѓу другото, заклучено е дека ова обвинителство, нема побарано една конфискација на имот.

    Абази пак, во првата изјава по победата на изборите за шеф на ОЈО за организиран криминал, се пофали дека е во работна група за конфискација на имот стекнат од криминал. Кажа дека учествувал и во работни групи за изработка на други закони од кривично-правната материја.

    Денеска Советот го именуваше Абази и официјално на функцијата шеф на Организиран. Не изостанаа фалбите за него, особено од претседателот на Антонио Јолевски, според кого, откако дошол Абази во ВЈО Гостивар, работата на сите 4 основни обвинителства (во Дебар, Кичево Гостивар и Тетово), драстично се подобрила.

    Но, според записникот (кој сега е тргнат од веб-страната на Советот), самите членови на Советот на јавни обвинители изнесуваат темелни критики за ВЈО Гостивар, под раководство на Абази.

    Прво, Вишото обвинителство не поднесувало жалби до Врховниот суд, а треба да е на страната на граѓаните и на државата, и барем кога има простор да оди докрај, до Врховен суд. Чинела-нечинела пресудата од Апелациониот суд Гостивар, Вишото обвинителство на Гостивар тука застанувало, секогаш било задоволно од пресудите.

    САКАМДАКАЖАМ.МК тогаш се обрати официјално до Врховниот суд, од каде ни беше потврдено дека жалба од ВЈО Гостивар до нив не е поднесена воопшто не само минатата, туку и оваа година (до јуни).

    Редовна жалба ВЈО поднесува по јавна расправа во Апелациониот суд, а такви за споменатиот период имало 10-тина. Место Гостиварското вишо обвинителство да е коректив на судиската постапка, тоа генерално било задоволно од пресудите и воопшто не знае дека постои и трет степен – Врховниот суд.

    Карактеристично е и што од јавните обвинителства од гостиварското подрачје, во 2021 година нема ниту еден поднесен предлог за конфискација на имот кој потекнува од криминал. Не постои таква постапка, а цифрата на штета на имот, не е за занемарување.

    Барање за конфискација на имот од подрачјето на ВЈО Гостивар нема ни првото полугодие. Како во ова подрачје да нема затајување на данок, нема злоупотреби на службената положба и овластувањата, нема незаконски стекнат имот. Всушност овој механизам воопшто таму и не заживеал, констатира тогаш Советот на јавни обвинители.

    И нешто уште пострашно зборуваа тогаш истите членови на Советот, за истото Вишо ЈО Гостивар раководено од Ислам Абази, а кои денеска кажаа хвалоспеви за него. Тоа е дека во овие 5 обвинителства се прекинуваат истраги без обвинителите да ги расчистат предметите докрај. А граѓаните се чудат зошто некои истраги таму воопшто не се отвораат, или зошто почнати истраги мистериозно се затвораат.

    „Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски се осврна и на процентот на укинати решенија. Смета дека јавните обвинители не ги расчистуваат предметите до крај пред да донесат конечна одлука. Во однос на истрагите во обвинителствата под ВЈО Гостивар бројот е мал, но кажа дека 90 отсто од нив биле во скратена постапка. Многу малку биле откриени сторителите од предметите од КО уписникот за истраги)“, е цитат од записникот од седницата на Советот за состојбата во 4-те обвинителства под ВЈО Гостивар.

    Од Вишото јавно обвинителство нема ни иницијативи до републичкиот обвинител Љубомир Јовески за да поднесе Барање за заштита на законитоста на постапката (БЗЗ). Во Апелациониот суд Гостивар велат дека имало случаи кога и самите судии ги молеле вишите јавни обвинители да иницираат БЗЗ за да им ги расчисти некои од дилемите Врховниот суд, но тие останувале незаинтересирани.

    Покрај тоа што не доаѓаат предмети до Врховниот суд, во очи паднало и тоа што минатата година се помалку пријави на откриени криминалци дошле до Основните обвинителства на Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар. Иако полицијата според Советот на јавни обвинители лани открила на ова подрачје помалку осомничени за сторен криминал, во сите овие 4 обвинителства, пораснал бројот на нерешени предмети. Сега изнесува рекордни 40 проценти нерешени предмети. Во оваа нелогичност прво е ОЈО Гостивар.

    Овој записник што го цитира САКАМДАКАЖАМ.МК не е веќе лесно достапен како што беше во јуни и тоа им даде право на членовите да заборават што збореле пред неколку месеца за ВЈО Гостивар менаџирано од Абази и за обвинителствата во Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар кои се обраќаат до него да ги застапува во втор степен понатаму.

    Членовите на Советот пред само неколку месеци го критикувале Вишото ЈО Гостивар и обвинителствата под него и за застарувањето на истрагите, како посебен и опасен проблем.

    Констатирале дека само за мал дел од случаите во законскиот рок од три месеци била отворена предистражна постапка. Многу од нив застареле.

    Во сите овие обвинителства што спаѓаат под ВЈО Гостивар, евидентен беше сè поголемиот случај на спогодби. Во судница се влегува по претходна спогодба за вина меѓу обвинетиот и обвинителот, судијата на претходна постапка носи одлука. Обвинителот не се жали понатаму, бидејќи нема право на жалба во ваков случај. И тука застанува се, но правдата според многумина не е задоволена секогаш.

    Еден од тие примери е 6-месечната затворска казна против Зоран Милески – Кичеец, за сообраќајката што ја предизвика кај Стража, во која загина едно лице. Шестмина, вклучително и тој беа повредени. Милески сообраќајката ја предизвика за време на издржување на затворската казна за „Рекет“, кога беше пуштен всушност да се лекува.

    На предлог на обвинител од ОЈО Гостивар, тој призна вина. Обвинителот дури бараше и условна казна за него како предизвикувач на фаталната сообраќајна несреќа кај Стража. Судијата од Основниот суд Гостивар му изрече само шест месеци затвор – во отвореното одделение во Струга.

    Абази овој обвинител го оцени со највисоки оценки и е претендент за во неговиот тим во Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира