Денешниот сведок Горанчо Стаменковски во предметот „Мито во гаража“, е управител и сопственик на две шпедиции од Делчево, бил човекот кој ги носел 50-те илјади евра за тогашниот директор на Државниот инспекторат за земјоделие Васе Анакиев, поткуп што го побарал од фирмата „Манов” за да им ги пушти на граница камионите со вештачко ѓубриво.
Обвинителката Искра Хаџивасилева од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, побара од него да раскаже како што се случувало пред апсењето на Анакиев дента во март кога носел ташна со подарок за него во Скопје.
„Јас бев царински застапник, шпедитер на фирмата ‘Манов’, многу години. Во однос на настанот, ми јавија вработените дека камионите на увозниците ‘Манов’ биле задржани зашто имало некоја забрана за увоз на рефусно ѓубре по некој закон. Дека мора да било пакувано. Претходно немало вакви ситуации. ‘Манов’ увезуваат повеќе години вештачко ѓубре во рефус, со камиони кипери. ‘Манов’ 20 години увезува во рефус. Сопствениците бараа состанок со директорот за да видат која е законската пречка и зошто е спречен увозот”, рече Горанчо.
„И што се случи потоа?”, праша Хаџивасилева.
„Потоа ме бараа мене. Ние се дружиме со браќата Манови и приватно и со оглед дека имаа информации оти се познавам со Анакиев уште пред да стане директор, ме замолија да прашам што е проблемот околу увозот. Јас го замолив Васе да се видиме. Истиот или наредниот ден, се сретнавме во Кочани во кафана. Се најдовме, ми рече дека има некоја одредба според која не може да се увезува. Јас прашав зошто досега се увезуваше, тој ми ја кажа одредбата. Го замолив за камионите што стојат на граница и не можат да се оцаринат”, одеше полека кон суштината.
„Потоа што се случуваше?, продолжи обвинителката Хаџивасилева.
„Јас го молев да ги пушти камионите. Инспекторката ги прати на друг граничен премин. Манов ми рекоа да се сретнат со директорот, да се договорат со Васе за во иднина да се договорат. Првпат се сретнавме во Свети Николе јас, Методиј Манов и Васе Анакиев. На средбата почетен разговор беше за законот, членот. Во еден момент директорот Васе Анакиев ми рече: Дај ми го телефонот. Излегов надвор, не знаев што ќе пишуваат, што ќе прават. Се вратив, си го земав мобилниот телефон, на него немаше ништо. Си заминавме, Методиј ми кажа: Ми бара пари, 100.000 евра на две рати. Јас бев запрепстен”, раскажуваше сведокот.
Другиот ден пак го молел директорот Анакиев да ги пушти камионите.
„Ги вратија назад, ги пуштија на Крива Паланка. Јас тргнав накај Скопје, ми даде нешто Методиј. Му реков стави кај мене во колата што и да е, нејќам да гледам и не сакам да знам што е. Тоа беше една црна ташна. Со обвинетиот се договоривме да се видиме на кафе. Прво ми кажа во Дебар Маало, на роденден кај колешка, а јас му кажав дека не можам да доаѓам во Дебар Маало. Тогаш ми рече во ред, да се чекаме под Џевахир. Се најдовме, се качи во кола кај мене Васе. Немаше пред Џевахир паркинг, се спуштивме во гаража. Таму нè пречека полиција. Нè легнаа доле. Многу лошо се чувствувам и ден денеска, јас не можам да се оправам. Се разболев и тие здравствени проблеми ги чувствувам уште како јас, така и членови на семејството”, беше видно вознемирен посредникот.
Обвинителката му се заблагодари и настапи адвокатот Еленко Миланов со влрстени прашања.
„Точно ли е дека вие лично на Манови не сте им кажале дека Анакиев бара пари?”, праша тој.
„Одговорив веќе дека лично преку мене не барале”, одговори сведокот.
„Точно ли е дека на таа средба вие лично не слушнавте Анакиев да бара пари?”, допраша адвокатот.
„Кажав веќе дека пишувале на мојот телефон, а јас тогаш бев во тоалет и надвор”, потсети тој.
На следно прашање: „Дали му кажавте на Васе дека носите нешто за него?”, сведокот одговори: „Немав време да му кажам, полицијата одма излезе во гаражата, за една минута”.
„Васе не ја пипна ташната?”, праша адвокатот.
„Не ја пипна”, одговори сведокот.
Негираше и тој дека ја пипнал, отворил.
По ова, обвинителката рече дека има само две прашања.
„Горанчо, ве тераа Манови да носите пари во Скопје? Лубеници не носевте, но носевте ташна откако пред три четири дена Мето ви кажа дека ви бараат пари, точно ли е?”, праша таа.
„Да, по три-четири дена откако му побараа“, одговори тој.
„Вие сакавте да дојдете во Скопје, ви се доаѓаше?“, праша обвинителката
„Не“, рече сведокот.
„Со директорот кога тргнавте за Скопје случајно се слушнавте?“, праша обвинителката.
„Јас накај Скопје поминав во Свети Николе. Ја земав ташната, па на барање на браќата Манови, му се јавив на Васе и за другото, ви кажав како ме пречека Васе и како се одвиваше натаму“, кажа сведокот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



