Осомничениот во случајот на СЈО „Империја“ Орце Камчев, кој му дал поткуп од милион и пол евра на Бојан Јовановски-Боки 13 за да влијае кај Катица Јанева да се запре истрагата против него, нема да одговара, и покрај тоа што не пријавил навреме за тие пари да бидат обележани. И покрај тоа што се одговара еднакво за примање и давање поткуп, Обвинителството за организиран криминал и корупција, во случајов нема да го гони Камчев, кој е сведок во нивната истрага „Рекет“.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто Камчев не пријавил во МВР дека му бил баран рекет од Јовановски, туку побрзал да му плати милион и пол евра за да ја попречи и запре истрагата за него во „Империја“, во Обвинителството велат дека тоа не го сторил зашто немал доверба во институциите. Наводно, се обидувал тоа некако да го пријави, ама не успеал и потплатил кај Боки 13.
Првин дал поткуп да не биде кривично гонет зашто наводно немал кај да пријави, а потоа стекнал доверба во премиерот Зоран Заев и кај него пријавил. Тоа го сторил откако поткупот покажал ефект и пасошот му бил вратен.
Во Обвинителството посочуваат дека во Кривичниот законик (КЗ) и во Законот за кривична постапка (ЗКП) има можност сторител на кривично дело, како што е во случајов Камчев со давањето поткуп, да добие олеснувања и да не биде гонет ако го пријавил делото.
Во членот 358 од КЗ ставот 5 стои дека ако давањето награда за противзаконско влијание е сторено по барање на лицето кое треба противзаконито да посредува (во случајов Бојан Јовановски), а сторителот (Орце Камчев) го пријавил пред да биде откриено или пред да дознае дека е откриено, може да се ослободи од казна.
Ставот 6 од овој член вели: „Наградата, подарокот или другата корист ќе се одземат“. Ова ќе значи дека на Камчев ќе му биде вратен поткупот што го дал.
Обвинителството црпи можност од членот 44 од ЗКП за „Непреземање на кривично гонење“ и го ослободува Камчев за случајот „Рекет“.
„Јавниот обвинител не е должен да преземе кривично гонење, односно може да се откаже од гонењето, ако во Кривичниот законик е утврдено дека судот може сторителот на кривично дело да го ослободи од казна и ако јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот ќе оцени дека самата пресуда без кривична санкција не е потребна“, вели ставот 1 од овој член.
С. К. ДЕЛЕВСКА