ТОПКАТА Е ВО ВАШИОТ ДВОР, ВИЕ ТРЕБА ДА ГИ НАПРАВИТЕ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ, МУ РЕЧЕ ФОН ДЕР ЛАЈЕН НА МИЦКОСКИ ВО СКОПЈЕ

    ТОПКАТА Е ВО ВАШИОТ ДВОР, ВИЕ ТРЕБА ДА ГИ НАПРАВИТЕ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ, МУ РЕЧЕ ФОН ДЕР ЛАЈЕН НА МИЦКОСКИ ВО СКОПЈЕМицкоски на средбата рекол дека државата очекува од ЕУ „јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“. (Фото: К. Попов)

    Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје кажа дека земјава мора да ги направи уставните измени за да го продолжи својот пат кој Европската унија (ЕУ). Фон дер Лајен е во посета на земјава во рамките на нејзината балканска турнеја.

    „Целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша Фон дер Лајен на Икс по средбата со Мицкоски во Владата, по која немаше прес-конференција.

    Од Владата после средбата соопштија дека се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.

    „Премиерот Мицкоски ја истакна решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Тој посочи дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, соопшти Владата.

    Фон дер Лајен денеска имаше средба и со претседателот на Собранието Африм Гаши, после која на Икс напиша дека земјава од ЕУ добила 16 милиони евра за направените реформи.

    „Во меѓувреме, ја доближуваме вашата земја до нас. За тоа се работи во Планот за раст! Отвораме фабрика за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте“, објави Фон дер Лајен на Икс.

    Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вчера официјално го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција (ВИ), капитален проект за дигиталната трансформација на земјава, кој со вкупна вредност од околу 6 милиони евра се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Хоризонт Европа и иницијативата ЕуроХПЦ, а е кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и факултетот ФИНКИ кој е носител на проектот.

    Центарот ќе биде придружна единица на европската фабрика „Фарос“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.

    „Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница“, рече вчера министерот Андоновски и упати јавна покана до сите академски и научни институции, како и до приватниот сектор, да се вклучат во овој национален проект со европска димензија.

    „Везилка“ ќе функционира и како центар за обука и развој на човечки капитал, каде ќе се организираат тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на вештачката интелигенција.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира