Сопственичката на возилото, врз кое падна бандера откако по свлечиште од градилиштето на улицата Теодосиј Гологанов во скопската Општина Центар пропадна тротоарот, вели дека со жителите на околните згради се чувствуваат несигурни и надлежните треба да направат испитувања за безбедноста.
„По свлечиштето кое се случи, оштетено е моето возило од пад на бандерата која беше во непосредна близина до возилото. Со свлечиштето е срушен и тротоарот во должина на улицата до градежното земјиште. Штетата која е настаната е материјална, среќа е што во моментот не минувале граѓани кои можеле да настрадаат и штетата да биде непроценлива. Сѐ додека во градов постојат необезбедени градежни земјишта и непрописно се прават ископи и се гради, штетите само ќе се бележат со и без жртви. Потребно е сериозно да се направи испитување за сигурноста на соседните згради, за да се избегне поголема штета од денешната”, вели Е. М. жителка во соседната зграда до градилиштето на улицата Христо Смирненски.
МВР претходно сооошти дека околу 13:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. Христо Смирненски при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина багер, ангажиран од фирма-инвеститор, настанало свлечиште на земјата, при што бил затрупан багерот, но лицето кое го управувало навреме излегло.
„Од свлечиштето оштетени се делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера која оштетила возило ‘дачија сандеро’, сопственост на Е.М.. Известени се Центар за управување со кризи, ЕВН и други институции, а на местото на настанот се упатени полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека инспекциските служби на Општина Центар, заедно со МВР, веднаш излегле на терен и по извршениот увид, констатирани се оштетувања на коловозот, тротоарската површина, канализационата мрежа и уличното осветлување.
„Веднаш се изречени најстроги законски казни и санкции кон инвеститорот за непочитување на обврските и предизвикување штета врз јавната инфраструктура. Паралелно со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар излегоа на терен и веднаш презедоа мерки за обезбедување на локацијата. Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор. Истовремено, инвеститорот е задолжен итно да го обезбеди просторот, да преземе мерки за заштита и санација, како и целосно да ја врати оштетената инфраструктура во првобитна состојба“, соопшти Герасимовски.
Фејсбук страната „Во одбрана на Буњаковец“ објави дека свлечиштето е на спојката на улицата Христо Смирненски и булеварот Теодосиј Гологанов во центарот на Скопје и дека на градилиштето се работело и денес, на државен празник. Оттаму велат дека е оштетена целата инфраструктура: кабли за струја, телекомуникации.
Жителите од околните згради велат дека уште од стартот предупредувале на небезбедното копање и недостатокот на соодветна заштита.
Пред еден месец, на 24 април, еден работник загина, а четворица беа повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода.
Во март 2023, пропадна улицата 9 Мај зад Универзална сала во Скопје поради градежните работи за нова зграда.
- ВО УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР ДОНЕСЕН УШТЕ ЕДЕН ПОВРЕДЕН РАБОТНИК ПО ЛИЗГАЊЕТО НА НАСИП НА ГРАДИЛИШТЕ ВО КИСЕЛА ВОДА
- ПРОПАДНА УЛИЦАТА 9 МАЈ ЗАД СКОПСКА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ПОРАДИ ГРАДИЛИШТЕТО ЗА НОВА ЗГРАДА
А. АНТЕВСКА



